Целта за прислушувањето се државниот врв, јавни личности и политичари

Државниот врв во Република Македонија и други политичари и јавни личности се целта на прислушувањето, оцени премиерот Никола Груевски во одговор на прашање по пуштањето во употреба на спортската сала во ОУ „Мустафа Кемал Ататурк“ во Пласница, пренесува МИА.

– Видовме што се како креирани материјали се лиферуваат во јавноста и била очигледна намерата токму тоа да биде направено со цел да се создаде лажна слика преку извадоци од разговори и креирани разговори. На тој начин сака да се создаде слика за тоа што не е, да се компромитираат луѓе и да се прикажат дека се поинакви од тоа што се, но и да се заборават нивните дела и работа и тоа што го направиле, рече премиерот Груевски.

На тој начин, нагласи, сакаат да се заборават реконструкциите на болниците, изградбата на автопатиштата, градбата на другите патишта, зголемувањето на пензиите и социјалната помош, субвенциите што им се даваат на земјоделците…

– Со еден збор сакаат народот да заборави се што се вложувало во овие девет години и само да се фокусира на делови од креирани разговори врз основа на кои Заев смета дека ќе биде избран и дека ќе дојде на власт што секако нема да се случи, потенцира Груевски.