Цените на нафтата на највисоко ниво во последните две седмици

Цените на нафтата пораснаа во понеделникот на највисоките нивоа во речиси последните петнаесет дена, поттикнати од закрепнувањето на азиските финансиски пазари и зголемената загриженост порди тензиите на Блискиот исток.

На лондонскиот пазар цената на барелот сирова нафта порасна за 38 центи или за 0,6 отсто во однос на затворањето на тргувањето во петокот, и достигна цена од 65,22 долари, откако минатата седмица скона за над три процента.

На американскиот пазар, пак, со барелот се тргуваше по 57 центи или за 0,9 отсто повисока цена од последниот претходен трговски ден, по 62,26 долари, што е највисоко ниво на цената од 7-ми февруари.

Одвоено Организацијата на земјите извознички на нафта OPEC во понеделникот извести дека цената на барелот на референтната кошничка нејзина нафта во петокот изнесувала 62, 41 долари, односно дека пораснала за 32 цента во однос на претходниот трговски ден.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека неговата земја може и самата, без сојузниците, да дејствува против Иран, откако пограничните инциденти на окупираната Голанска висорамнина кон Сирија ги доведе блискоисточните ривали до работ на директен судир.

Продолжува и силниот залет на американскиот пазар, откако цената на барелот минатата седмица допре до 58 долари. Цените на нафтата ги поддржуваат заздравувањето на азиските берзи на акции, но делумно и растот на бројот на американските постројки за дупчење и благото закрепнување на доларот.

Бројот на американските постројки за црпење, кој е показател за идното производство, се зголеми за седум нови, на 798, највисоко ниво од април 2015 година, според седмичниот извештај на приватната компанија „Baker Hughes“. Тоа е првпат од ланскиот јуни бројот на ваквите постројки да расте четири седмици последователно, а и на годишно ниво е чувствително зголемен, пред една година беа активни 597 постројки за црпење нафта.

Зголеменото американски производство, од своја страна, пак, ги минира напорите OPEC и некои други значајни произведувачи и извозници, вклучутелно и Русија, коишто ја спроведуваат заедничката одлука за намалување на дневното производство за 1,8 милиони барели до крајот на 2018 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.