Цените на нафтата стабилни близу 70 долари

Цените на нафтата се задржаа во понеделникот на меѓународните пазари близу нивото од 70 долари за барел, поткрепени од сигналите дека разликата меѓу понудата и побарувачката сѐ повеќе се намалува благодарејќи на ограниченото снабдување од водечките светски производители, а противтежата им беше навестувањето на зголемувањето на американското производство.

На лондонскиот пазар цената на барелот беше речиси непроменета во однос на претходното затворање на трговијата и изнесуваше 69,69 долари. Позначителни промени немаше ниту на американскиот пазар каде што со барелот се тргуваше по 64,22 долари.

Одвоено Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) денеска објави дека цената на барелот на референтната кошница нејзина нафта во петокот изнесувала 67,17 долари, што значи дека останала речиси непроменета во однос на претходниот трговски ден.

Во понеделникот тргувањето беше релативно забавено поради државниот празник во САД.

Зачестените сигнали за намалување на разликата меѓу понудата и побарувачката на пазарот по тригодишниот период на изразен вишок и прекумерно снабдување го зајакнаа уверувањето меѓу трговците и аналитичарите дека цените може да се одржат околу сегашните нивоа.

Во понеделникот „Bank of America Merrill Lynch“ ја подигна процената за цената на барелот на лондонскиот пазар во оваа 2018 година на 64 долари, од досегашните 56 долари, што е значителна разлика. Се очекува дека побарувачката оваа година ќе го надмине производството за 430.000 барели на дневно ниво. А цените ги поткрепуваат и другите фактори, вклучително и политичкиот ризик.

„Помалата разлика во вредноста на фундаментот е главниот придвижувач на растот на цените, но дополнителен залет има даваат и геополитичките ризици и движењата на курсевите, како и шпекулативните пари“, појаснуваат во белешката за клиентите аналитичарите на американската банка „JPMorgan“.

Некои аналитичари, пак, предупредуваат дека растот на цените за 13 отсто од почетокот на годинава, наскоро би можел да биде издишан поради работите на одржувањето на рафинериите ширум светот и зголемувањето на северноамериканското производство.

Американските енергетски компании минатата седмица отвориле 10 нови постројки за дупчење нафта, објави во петокот компанијата за услуги во енергетиката „Baker Hughes“, што е најмногу од јуни 2017 година. Со тоа нивниот вкупен број во моментов се искачил на 752 постројки. Во Канада, пак, компаниите во истиот период речиси го удвоиле бројот на активно наоѓалишта, на 185, што е највисокото ниво во последните десет месеци.

Во виенската консултантска компанија „JBC Energy“ очекуваат дека во првото годинешно тримесечје американското производство ќе порасне за 600.000 барели дневно во однос на истиот период минатата година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.