Децата од општина Центар ќе добијат нова, современа градинка. На местото на старата градинка „Кочо Рацин“, започнува да се гради нова, на 2.677 метри квадратни бруто или 2.155 метри квадратни нето површина. Капацитетот ќе биде за до 180 деца.
„Градинката Кочо Рацин, изградена во 1964 година, беше руинирана и сите овие години не беше санирана. Ѕидовите беа од азбестни, радиоактивни плочи, исклучително штетни за децата. Градинката ќе биде енергетски ефикасна и ќе се гради од високо квалитетен, современ материјал и со звучна заштита и заштита од пожар.Кујната и храната ќе бидат според ХАСАП стандардите и ќе има капацитет за 500 оброци, со што ќе се снабдуваат и 3-те клона на градинката. Дворот на градинката ќе биде хортикултурно уреден, а ќе биде набавена и нова опрема за занималните“, соопштуваат од општина Центар.
Новата градинка, која ја гради Гранит, ќе чини 112 милиони денари, средства од буџетот на општина Центар.
Изгрaдбата на градинката ќе биде готова наредното лето.