Центарци привилегирани да одлучат за изгледот на ГТЦ

„Вљубениците во автентичниот изглед на ГТЦ“ на големо се подготвуваат за референдумот, кој е закажан за во недела, а на кој граѓаните од Општина Центар треба да се изјаснат дали сакаат промена на изгледот на Градскиот трговски центар. Референдумското прашање ќе гласи: „Дали сте за тоа да се задржи сегашниот изглед на фасадата на Градскиот трговски центар“, а предлог – одлуката за референдумот ја покрена градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски. Оваа предлог – одлука беше иницирана од граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“, која во екот на локалните избори во неколку наврати организираше протести под мотото „Гушни го ГТЦ“, а исто така е поддржана и од Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

Оваа идеја за задржување на автентичниот изглед на ГТЦ трае со години, но останува нејасно прашањето каде беа сите овие поддржувачи кога се менуваше фасадата на зградата на ЕВН, која е во непосредна близина на ГТЦ и е дел од репрезентативното градско јадро. Исто така „гушкачите“ ги немаше ниту како поддршка на останатите објекти кои добија барокна фасада.

Овде свесно се занемарува и еден многу важен момент – фактот дека ГТЦ не им припаѓа само на жителите на Центар, туку на сите граѓани на Скопје, бидејќи станува збор за објект кој е архитектонско обележје на едно време во градот.

Оттука следи прашањето зошто ако веќе се организира референдум на кој граѓаните би требало да ја дадат одлуката за изгледот на ГТЦ, тој референдум да не се спроведе на ниво на Град Скопје?

Поранешниот директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа, Ванчо Шехтански вели дека одлуката од референдумот во недела не е конечна, бидејќи сепак согласност за промена на фасадата на ГТЦ дава градската власт.

Легална е иницијативата на Општина Центар да покрене референдум по ова прашање, но исто така не е незаконски Градот Скопје да го стори истото, меѓутоа со учество на граѓаните од подрачјето на целиот град, додава тој.

Дел од архитектите сметаат дека со новиот изглед на ГТЦ ќе се реши долгогодишниот проблем со отворените пасажи кои носат провев, со што внатре ќе се создаде пријатна клима како кај другите молови, што пак ќе придонесе за заживување на трговскиот.

Имено, за вечерва е закажано последното „Гушкање на ГТЦ“.