Центарот за обука на пилоти ги отвори вратите за јавноста

Центарот за обука на пилоти, еден од најсовремените Центри од овој тип во Европа, денес во касарната во Петровец им овозможи на сите млади лица, заинтересирани да бидат идните пилоти во Армијата на Република Македонија да се запознаат со неговите капацитети и одблиску да ги видат воздухопловите на кои се врши обуката.

Овој ден е одлична можност да почувствувате барем дел од она што значи да се биде пилот обучуван по најсовремени методи и според врвни услови, во модерен и исклучително технолошки напреден центар, кој е резултат на заложбата на Министерството за одбрана, истакна пред присутните државниот советник во Министерството, Маја Стојановска.

Наша обврска, додаде Стојановска, е внимателно да ги селектираме најдобрите кандидати кои пред сè се чесни луѓе, подготвени за сите предизвици кои ги носи пилотската професија.

DSC_1413 (1024x684)

Директорот на Центарот, Јаари Шрага, порачувајќи дека еден од главните критериуми да се биде пилот е мотивираноста на кандидатите и нивниот ентузијазам, укажа на следните чекори во селекцијата на кандидатите.

Последниот ден на пријавување е 30 јуни, по што започнува селекцијата на земја, а следат медицинските и физичките проверки, проверките за познавање на англиски јазик, по што започнува специјализираната обука која трае 18 месеци, информираше Шрага.

DSC_1398 (1024x684)

Присутните, освен воздухопловите на Центарот за обука на пилоти, ги разгледаа и хеликоптерите Ми-8/17 и Ми-24 кои се дел од летачката флота на Армијата на Република Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.