Централен регистар: На СЈО од декември му е обезбеден непречен пристап до базите на податоци

Централниот регистар најостро ги демантира инсинуациите за какво било наводно прикривање, затајување или уништување на документација за податоците од регистрите со коишто раководи.

Оттаму посочуваат дека во досегашното постоење и успешно работење на оваа институција не се памети ваков напад и нарушување на угледот на Централниот регистар.

Напротив, Централниот регистар со години наназад е рангиран како најдобра институција во Република Македонија според најригорозни методологии и на прво место во Европа и второ место во светот според Светската банка, велат од Централниот Регистар.

Понатаму, во соопштението се наведува дека на Специјалното јавно обвинителство на 11.12.2015 година му е овозможен неограничен пристап до базите на податоци на Централниот регистар по електронски пат, во реално време, 24 часа на ден, 7 дена во неделата. Притоа не е пријавен никаков проблем при користење на системот од нивна страна.

Во врска со вчерашните објави на одредени медиуми поврзани со преземените активности од страна на СЈО кон Централниот регистар, оттаму информираат:

На барањето на СЈО за доставување податоци, во законски предвидениот рок Централниот регистар одговори со допис, во којшто, со цел обезбедување соодветна услуга и согласно воспоставената пракса на постапување по барања за податоци, побара прецизирање на барањето коешто беше нејасно и непрецизно. Наместо да достави појаснување, СЈО приложи судска наредба за привремено одземање на списи од одговорното лице на Централниот регистар. Во наредбата од судот, СЈО, сепак, го формулирало барањето согласно насоките од Централниот регистар. За тоа дека не се случило никакво уништување на документација сведочи фактот што СЈО на лице место утврди дека документите постојат во целост и дека ниеден документ не е уништен, а дел од бараните податоци им беа предадени, додека останите ќе бидат предадени согласно заемно договорена динамика според потребите на СЈО во периодот што следи. Небулозно е тврдењето дека податоци од Централниот регистар воопшто можат да бидат уништени, со оглед на тоа што базите се водат електронски на повеќе локации, а секоја промена во регистрите електронски, во реално време, се доставува и до бројни други институции, преку веб-сервиси и преку системот за интероперабилност, велат оттаму.

Централниот регистар апелира до медиумите да се воздржат од секакви шпекулации и изнесување невистинити информации. Со тоа се нанесува сериозна и неповратна штета на внимателно и макотрпно градениот углед на институцијата помеѓу граѓаните и бизнис заедницата, но и во меѓународни рамки.