Централната банка на БиХ ограбена

Централната банка на БиХ била ограбена за над 300.000 евра. За грабежот е уапсен еден нејзин службеник, а неколкумина се суспендирани, потврдено е денеска од седиштето на банката во Сараево.

Во текот на редовните и вонредните контроли е утврдено дека во трезорот на Централната банка недостасуваат 306.900 евра, по што гувернерот на банката Кемал Козариќ ја информирал полицијата.

Извршител на криминалното дело е еден од вработените во банката, кој ја признал кражбата и предаден е на Државната агенција за истрага и заштита на БиХ (СИПА), која ќе започне кривична постапка.

Од Централната банка не соопштуваат кога точно се случил грабежот и каде завршиле парите од трезорот, со образложение дека тоа може да биде штетно за текот на истрагата.

Врз основа на своите овластувања, гувернерот Козариќ суспендирал уште деветмина вработени во банката и ваквата мерка ќе остане во сила се до завршување на истрагата.