Централниот штаб на СДСМ е сместен во простории на МОН

СДСМ да го отстапи централниот штаб на студентите. Ова го порача денес координаторот на пратеничката група ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски на собраниската седница наменета за пратенички прашања.

Димовски го упати барањето до пратеничката група на СДСМ, откако претходно, премиерот Никола Груевски го раскажа историјатот на централниот штаб на СДСМ, според кој објектот на „Бихаќка“ бил објект на Министерството за образование изграден со народни пари пред Сојузот на комунисти да го добие гратис од тогашната држава.

Еве јас на пример не сум знаел досега дека седиштето на вашиот објект е сместено во простории на Министерството за образование и барам од вас утре да го вратите објектот и веднаш владата тој објект да го реновира, да го реконструира во студентски дом, рече Димовски.

Димовски ги замоли СДСМ, доколку навистина им е до студентите, тој објект да го вратат на Министерството за образование, а како што рече, Владата веднаш ќе биде обврзана тој објект да биде адаптиран во студентски дом уште годинава.

Дополнително Илија Димовски од СДСМ побара и да ја платат киријата која Министерството за образование ја плаќало во период од 20 години во кои било сместено во туѓи простории, бидејќи нивните биле одземени од државата раководена од Сојузот на комунисти и ги доделила на – Сојузот на комунисти.