Четири комисии денеска ќе одржат седници во Собранието

Во Собранието денеска седници ќе одржат комисиите за европски прашања, за транспорт, врски и екологија, Комисијата за труд и социјална политика и Законодавно-правната комисија.

Амбасадорот на Грција во Македонија, Харис Лалакос пред Комисијата за европски прашања ќе ги изложи приоритетите и програмата за работата на грчкото претседателство со Европската унија во периодот јануари-јуни 2014 година.

Комисијата за транспорт, врски и екологија ќе расправа за Предлог-законот за дополнување на Законот за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Македонија (второ читање). Предлогот на дневниот ред на оваа Комисија се дополнува со уште две точки – Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за медиуми, двата по скратена постапка.

На дневен ред на Комисијата за труд и социјална политика се Предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за семејството и Законот за мирно решавање на работните спорови, двата во второ читање.

Членовите на Законодавно-правната комисија треба да се произнесат по Предлог-законот за дополнување на Законот за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија во второ читање. Предлогот на дневниот ред на ова седница на Комисија е дополнет со Предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за семејството, Законот за мирно решавање на работните спорови, двата во второ читање и по измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на Законот за медиуми, кои треба да се донесат по скратена постапка.