Уште четири производители на автомобили под лупа

Уште четири производители на автомобили под лупа. Мерцедес – Бенц, Хонда, Мазда и Митсубиши се придружија на листата на произведувачи чии дизел автомобили испуштаат многу повеќе штетни гасови на патиштата, од она што е прикажано во регулаторните тестови, пишува британски „Гардијан“.

Во пореалистичните тестирања, некои модели на Хонда испуштале шест пати повеќе гасови од регулаторната граница, а некои 4×4 модели границата ја надминувале и за 20 пати.

Станува збор за системски проблем во целата индустрија, вели Ник Молден, чија компанија Емишнс Аналитикс спроведувала тестови врз автомобилите.

Британски „Гардијан“ минатата недела пишуваше дека дизел автомобилите на Рено, Нисан, Хјундаи, Ситроен, Фиат, Волво и Џип испуштаат многу повеќе штетни гасови од предвиденото.

Сите овие автомобили ги поминале лабораториските регулаторни тестови (НЕДЦ), но според тестот не е постигнато намалување на загадувањето на воздухот, затоа што производителите направиле возила што имаат подобри перформанси во лабораториите, отколку на патиштата.

Сепак, покрај сознанијата дека испуштаат многу повеќе штетни гасови од предвиденото, за овие компании нема докази за илегални дејствија, како што беше случајот со „софтверскиот трик“ на Фолксваген.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.