Четврток на Манчевски во финалето на квалификациите за Оскар

Последниот краткометражен филм на Милчо Манчевски, „Четврток“, влезе во финалето на американските квалификации за учество во трката за Оскар.

„Четврток“, како американска продукција, ќе учествува на државниот натпревар за најдобар краткометражен филм на 44-тото издание на „УСА филм фестивал“, во Далас, Тексас. Филмот на Манчевски, заедно со 6 други филмови, се проби во финалето на фестивалот и ќе биде прикажан на 24. април. Победникот на натпреварот на краткометражен филм се квалификува за учество на Оскари.

„Четврток“ е снимен во Њујорк во 2013 година и беше премиерно прикажан на отварањето на Венецискиот филмски фестивал на 28-ми август, 2013, како дел од програмата “Venice 70 – Future Reloaded”, каде што 70 реномирани режисери беа поканети од самиот фестивал да изработат краткометражни филмови со кои се одбележа 70-тото издание на фестивалот. Продуценти на „Четврток“ се Арон Левин и Џералд Херман, кинематографер е Уна Ли, монтажер Питер Мостерт, а композитор на музиката Игор Василев Новоградска. Во главната улога настапува актерката Лора Ласи.

,,Четврток‘‘беше прикажан на меѓународниот филмски фестивал во Сао Пауло, Бразил, на RAI Movie канал на италијанската национална телевизија, на фестивалот во Сиракјуз, Њујорк, на Интерфилм во Берлин, во кино-салите во Германија, на „Листапад“ меѓународниот филмски фестивал во Минск и други.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.