Чабуковска: Повредените полицајци се во стабилна состојба

Во текот на ноќта во градската болница „Св. Наум Охридски“ се донесени уште двајца пациенти, изјави директорката Чабуковска. Во болницата во моментов се згрижени шестмина повредени. Полицајците биле повредени од бекатонски плочи, објави денес МРТ.

Стабилна е здравствената состојба на двајцата полицајци кои по вчерашните протести со тешки повреди во стомакот и главата беа задржани на лекување на клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“. Со нив на клиниката беа примени уште неколку нивни колеги – по укажаната лекарска помош се пуштени на домашно лекување.

„Во Клиниката се уште двајца пациенти, еден има комоција на глава и абдомен и уште еден со контузија на абдоменот. Другите пациенти се пуштени на домашно лекување. Овие пациенти што се на Клиниката се во добра општа состојба и очекуваме во текот на денешниот или утрешниот ден да се пуштат на домашно лекување“, изјави д-р Јасминка Чабуковска- директор на Клиниката по хируршки болести „Св. Наум Охридски“.

Околу дваесетина повредени полицајци и цивили имаше и на Ургентен. Сите со лесни повреди по телото.

„Сите се надвор од животна опасност и по направените прегледи се утврди дека станува збор за лесни телесни повреди и најверојатно по укажаната помош ќе бидат пуштени на домашно лекување“, изјави д-р Реџеп Селмани- директор на Ургентен центар.

„Повредите се во регионите на главата, лактите и потколениците“, додаде д-р Илир Хасани- раководител на Ургентен центар.

Во синоќешните протести пред Владата повредени беа 38 луѓе. Тројца од нив се цивили, останатите полицајци. Повредените во Градска болница ги посети министерката Јанкуловска.