Чадиев: Најголем акцент и во 2017 година на економијата и инфраструктурата

Градоначалникот на општина Велес Славчо Чадиев на денешната прес-конференција информира дека во 2016 година успешно завршиле 114 проекти од кои, како што рече, корист имаат сите граѓани на Велес.

– Преку цела година редовно одржуваме средби со урбаните и месните заедници. Ги разгледуваме приоритетите кои тие ги кажуваат и врз основа на нив ги реализираме најголем дел од пректите, нагласи Чадиев.

Тој потенцира дека економијата и натаму останува приоритет. Во 2016, како што рече, се гордееме со успешната приказна на фабриката „Маркарт“ каде работат над 320 велешани. Македонско – турската компанија „Еуро брик компани“ го рестартираше „Киро Ќучук“. Производството на цигли почна, а набрзо се очекува и да се стави во погон фабриката на „СТС Текстајлс“, кои инвестираа во погоните на поранешна Свилара.

– Со цел привлекување домашни и странски инвестиции целосно ја уредивме индустриската зона во Караслари и ја оформивме новата во Мамутчево, која по површина е најголемата во општина Велес со 43,76 хектари, потсети Чадиев.

За подобрување на инфраструктурата досега реализирани се 120 проекти. Реконструирани се вкупно 27.000 метри од патната инфраструктура и 14.500 метри водоводна мрежа. Изградени се три нови паркингзи со вкупно 145 нови места за паркирање во Велес.

– Образованието останува една од најзначајните области на која работиме многу. Во 2016 инвестиравме 310.000 евра. Поставивме нова фасада во ССОУ „Коле Неделковски“. Неодамна таму го пуштивме и новиот систем за ладење и греење во спортската сала, рече Чадиев. Доадде дека изградиле ново училиште во Сливник. Набавен е парен котел во ООУ „Св Кирил и Методиј“ и поставени се нови ПВЦ прозори во најладните училници во ООУ „Блаже Конески“. Реконструирани се терасите во спалните соби и набавени се нови душеци во Ученичкот дом „Лазар Лазаревски“.

– Во 2016 реализиравме 91 културен настан. Вреди уште еднаш да се спомене „Питијадата“, која беше најуспешна манифестација досега. Велес го посетија над 100 илјади гости и три дена беше апсолутен центар на Македонија, рече Чадиев. Потсети и на традиционални културни манифестации „Рацинови средби“, ФАД „Стоби“, ИФФ „Велес“, Вардарска регата Гемиџии.

Чадиев нагласи дека во спортот првпат организирале атлетски полумаратон, а третпат пливачки маратон. Финансиски, како што рече, директно ги поддржавме ракометниот и одбојкарскиот клуб „Борец“ и посредувавме стабилни спонзори да добијат фудбалските клубови „Борец“ и „Гемиџии“, кошаркарскиот „Борец Еуро Брик“ и футсал клубот „Велес“.

– Продолжуваме финансиски да стоиме и зад останатите спортски клубови од градот. 45 екипи во сениорска конкуренција и 20 во младинска добија вкупно 3 милиони денари, средства со кои се покриваат трошоците за тренинг преку целата година, нагласи Чадиев.

Тој потсети дека во 2016 продолжиле да им помагаат на социјално ранливите категории на граѓани. Општина Велес купи две електромоторни инвалидски колички и еден хидрауличен елеватор-лифт.  Доделени биле финансиски средства за училишен прибор на децата без родителска грижа и за Денот на гладните. Финансиска помош добиле 136 семејства од социјален ризик.

Чадиев потсети дека ги подобриле условите за престој во градинките. Преку проектот „Енерџинет“ пет клонови добиле нови термоизолациски фасади кои се енергетски ефикасни. Инвестицијата е во висина од 66 илјади евра. Најави дека набрзо ќе ја отворат првата градинка во рурална средина во Велес. Објектот во село Караслари, како што рече, потребно е само да се доопреми со мебел и таму предучилишно образование ќе може да стекнат децата од ова населено место, но и децата на вработените во „Маркарт“.

За годинава Чадиев најави неколку проекти, покриен градски пазар, изградба на водоводна линија за селата Раштани и Бузалково, во населеното место Отовица ќе се изгради водовод и канализација, ќе се гради нов кружен тек на крстосницата пред Башино Село и изградба на пешачки мост, кој ќе ги поврзува локалната црква и гробиштата, ќе се уредуваат улиците во населените места Мамутчево и Чалошево.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.