Чадиев: Поради кризата со локалната самоуправа Велес може да загуби 500 нови вработувања

Поради кризата со локалната самоуправа можеме да загубиме 500 нови вработувања, изјави градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев во „Отворено студио“ на ТВ НОВА.

Говорејќи за „врзаните раце“ на градоначалниците на Општините тој предупреди дека поради ова можно е Велес да загуби двајца сигурни инвеститори кои чекаат разврска пред да започнат со реализација на инвестициите, за што неопходен е потпис од градоначалникот.

„Во Велес планирана е нова словачка и нова романска инвестиција за кои се стигнати плановите, а веќе е познато како ќе изгледаат и погоните на фабриката, па сакаат час поскоро да почнат. Ние можеме да стигнаме до објавување на постапка и тие ќе треба да чекаат за да го платат земјиштето, да поднесат барање за градежна дозвола и да започнат да градат, што не може да се случи додека не се реши статусот на градоначалниците во моментов. Инвеститорот чека месец до два, а потоа оди во соседна Бугарија или соседна Србија. Ќе загубиме 500-ни вработувања во моментов. Секојдневно словечкиот амбасадор се интересира до каде е постапката“, истакна Чадиев.