Чадиев: Велес во времето на СДСМ беше најсиромашен град

Од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Велес на денешната прес конференција изразија жалење што господинот Панче Иванов слепо се ставил на услуга на неговиот шеф и со тоа станал соучесник во ова сценарио кое има за цел да направи дестабилизација во Македонија. Градоначалникот Славчо Чадиев вели дека нивната заедничка намера е повеќе од јасна – во соработка со странски центри, преку објавување на креирани материјалии и без поддршка од граѓаните, бескрупулозно да се доберат до власт.

Во продолжение следува интегрален текст од прес-конференцијата на Славчо Чадиев:

Денешната пресконференција на г-динот Панче Иванов е само продолжување на сценариото на Зоран Заев за креирање на нестабилност во Македонија, за манипулирање со јавноста и за насилно преземање на власта.

Нивната заедничка намера е повеќе од јасна. Во соработка со странски центри, преку објавување на креирани материјалии и без поддршка од граѓаните, бескрупулозно да се доберат до власт.

Искрено жалиме што господинот Панче Иванов слепо се стави на услуга на неговиот шеф и со тоа стана соучесник во ова сценарио кое има за цел да направи дестабилизација во Македонија.

Но, господа од СДСМ во Велес ова нема да ви помине! Нема да помине, затоа што токму Вие ја имате одговорноста за уназадувањето и упропастувањето на овој град.

Велешани знаат и паметат дека Велес во време на СДСМ од најразвиен индустриски центар стана најсиромашен и најуништен град во Македонија.

Велешани знаат дека во време на СДСМ најголемите фабрики во градот кои беа столбови на стопанството, низ така наречениот процес на приватизација, беа распарчени и оставени во тешки милионски долгови.

Велешани многу добро се сеќаваат на „Порцеланка”. Фабриката која ја распарчивте и ја оставивте во тешки милионски долгови. Онаму каде што работниците во Ваше време беа тепани од страна на полицијата затоа што си ги бараа своите пари и своите 60 неисплатени плати.

Тоа беше бомба која го разори Велес и остави многу семејства во сиромаштија.

СДСМ ја носи одговорноста за тоа што 10.000 луѓе во нашиот град останаа без работа. Тоа никогаш нема да ви биде заборавено.

Денес најкрупниот капитал и најголемите земјоделски површини во градот ги имаат во сопственост луѓе кои биле членови на СДСМ или сериозно соработувале со таа партија, а на граѓаните им останаа спомените на времето кога ги бркавте од работа.

Затоа наместо да обвинуваат и да пласираат креирани невистини, СДСМ најмалку од се што треба да направи е да им се извини на 10-те илјади граѓани и нивните семејства кои ги оставија невработени до 2006-тата година, при нивното заминување од власт.

Велешани се луѓето кои најмногу пропатија заради СДСМ и нивниот игнорантски однос во изминатите години. Тоа е вистината за СДСМ! Тоа е вистината која ќе и нанесе штета на Република Македонија и од која ќе се срамат иднините генерации.

Но, сите ние заедно, сплотени како никогаш досега, нема да им дозволиме насилно да не внесат во ова сценарио! Сите ние, ќе продолжиме да ја создавме и да работиме на онаа другата вистина со која се гордееме и за која ја добиваме поддршката во досегашниот период.

Овие неполни 9 години, искрено работиме и создаваме дела со кои се гордееме сите!

– Свлечиштето Рамина кое цела деценија ги мачеше граѓаните на Велес, а за кое луѓето од СДСМ велеа дека немаат пари да го решат, го саниравме со огромна инвестиција од Владата, уште во првата година од нашето раководење.

– Комплетирана е изградбата и пуштен во употреба е Хидросистемот „Лисиче”, чија вкупна вредност изнесува 70.000.000 евра. Решен е проблемот со водоснабдувањето на градот Велес како и водоснабдувањето на земјоделските површини во Општина Чашка и Велешко. Две децении СДСМ не го направи овој хидросистем ниту до половина, а ние го довршивме за само 2 години.

– Во Велес минатата година отпочна изградбата на фабриката на германската компанија „Маркарт”, a која ќе се наоѓа во новоформирана индустриска зона „Караслари”. Фабриката е во завршна фаза, а првите вработени веќе се испратени на обука и добиваат плата. Прв пат после 20 години во Велес се отвори, а не се затвори фабрика.

– Како резултат на реформите и активната политика на Владата за промоција на Македонија како поволна инвестициска дестинација во периодот од 2011 до денес во државава започнаа со работа десетина странски инвестиции. Дел од нив се од огромно значење и за Велес. Во фабриките „Дрекселмаер”, „Ван Хол”, „Џонсон Мети”, „Џонсон Контролс” и други работат скоро 1.500 наши сограѓани.

– Оперативните планови на Владата и АВРМ во Велес досега ги искористиле вкупно 613 лица. Оваа бројка произлегува од склучени договори за самовработување со кредитирање и грант; кредитирање и финансиска поддршка на микро и мали претпријатија; субвенционирано вработување на лица во социјален ризик; практиканство; обука кај познат работодавач и обука за прекфаливикација и доквалификација и формализација на веќе постоечки неформален бизнис.

– Исто така ја дооформивме и индустриската зона „Речани 2”, во која неодамна беа продадени сите парцели и каде што наскоро ќе се градат новите индустриски капацитети.

– За пензионерите во Велес, пензиите во просек се зголемија за 62 %, платите во администрацијата се зголемија за 24 %, просечната плата се зголеми речиси двојно а социјалната помош се зголеми за 47 %.

– За прв пат после 60 години од изградбата на мостот „Гемиџии” истиот беше целосно реконструиран, а со тоа опасноста по неговата стабилност трајно е отстранета. Целосниот зафат чинеше околу 34.000.000 денари.

– Заврши изградбата на водоснабдителниот систем до Езерото „Младост”. Со овој проект кој чини 42.000.000 денари, чиста вода за пиење ќе добијат и Речани, Башино Село, Отовица, Сујаклари, но и други населени места. Крај Езерото „Младост” во тек е изградбата и на фекална канализација (5.000.000 евра). Во правец на туристичка промоција на овој локалитет беше изградена и пешачка патека околу целото езеро (15.000.000 денари), на која што неодамна се постави и урбана опрема (1.600.000 денари).

– Се реконстрира делницата од Велес до Катланово (5,7 милиони евра). Претходно беше реконструиран и автопатот Скопје-Велес (6,67 милиони евра). На овие две делници се рехабилитира и зајакнаа мостовите. Овој период во тек е и уредувањето на државниот пат од Велес до Штип каде се гради дополнителна трета лента (15 милиони евра). За еден месец ќе започне и изградба на нов пат од Градско за Прилеп што ќе го користат многу наши сограѓани.

– Изминатиов период се изврши реконструкција и асфалтирање на локалниот пат кон селата Иванковци, Бузалково, Ораовец и Мамутчево.

– Комплетно се промени уличното осветлување на целата териоторија од општината со ново коешто е енергетски ефикасно. Oвој проект чинеше околу 19.000.000 денари.

– Оваа година во употреба беше пуштен и новиот театар „ЈХК Џинот”, објект кој претставува најголема гордост за Велешани.

– Градот доби еден од најмодерните фудбалски терени погоден за одигрување и на меѓународни натпревари. Вредноста на проектот за замена на тревната површина изнесуваше околу 34.000.000 денари. Во наредниот период ќе се продолжи и со реконструкција на трибинскиот дел од стадионот. Во оваа насока за поддршка и развој на спортот беше изградено и помошното фудбалско игралиште во Велес, како и повеќенаменското игралиште во с. Иванковци (8.000.000 денари). Во тек е изградбата на игралиште и во с. Караслари а во градот се очекува наскоро да бидат завршени и тениските терени.

– Доделувањето решенија за веќе легализираните дивоградби во Општина Велес продолжува да се реализира со несмален интензитет. Околу 3.000 граѓани се стекнаа со правото за законско користење на личниот имот кој и покрај тоа што со децении го уживале, сепак, не биле и негови вистински сопственици.

– Изминативе години се вложија значителни средства и во подобрување на инфраструктурата во руралните населени места, изградба на патишта, водоснабдителни и канализациони системи. Во овој правец се инвестираше во с. Иванковци (уредување на улица и канал во селото – 8.500.000 денари), Раштани (изградба на пречистителна станица – 5.000.000 денари), Црквино (изградба на водоснабдителен систем – 6.500.000 денари), Мамутчево, Караслари и други.

– Еден од врвните приоритети на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ беше и останува развојот на земјоделството. Во изминатите години за земјоделците од Велес и велешко доделени се субвенции во износ преку 21 милиони евра, а на 500 корисници доделени на користење се околу 6.800 хектари државно земјоделско земјиште. Во досегашниот период преку поддршката за набавка на земјоделска опрема обезбедени се околу 100 трактори и на 210 погони приклучни механизации.

–  Во Велес е отворен Технолошко-техничкиот факултет кој функционира во реконструираните и преадаптирани простории на поранешниот хотел „Вила Зора” за што беа потрошени околу 6.000.000 денари. Исто така беа отворени повеќе дисперзирани студии на кои што велешките студенти го оформуваат своето високо обрзование со значително намалени партиципации за студирање.

– Изминативе години во Велес беа изградени неколку нови училишта, како што се училиштето во с. Горно Оризари (37 милиони денари), с. Иванковци (3 милиони денари) и с. Отовица (2 милиони денари). Годинава заврши и комплетната реконструкција и модернизација на Гимназијата „Кочо Рацин” (20,3 милиони денари) и Основното училиште „Св. Кирил и Методиј” (15.5 милиони денари). Во сите останати континуирано се спроведуваат реконстуктивни зафати.

– Топилницата во Велес повеќе не постои во планската документација на Општина Велес. Со измената на Генералниот урбанистички план која едногласно беше усвоена од страна на членовите на Советот, фабриката се брише од сегашната локација. Претходно промената на Генералниот план на градот ја одобри и Министерството за транспорт и врски. На ова место според новиот план, наместо фабрика е предвиден зелен појас.

– Комплетно се реконструираше Општата болница во Велес а беше набавена и нова современа апаратура. Целиот проект чинеше 1.600.000 евра, од кои 1.000.000 евра за реконструкција и 600.000 евра за опрема. Исто така за реновирање на болницата во с. Јасеново беа одвоени околу 2 милиони евра, пари со кои целосно се обнови, реконструира и прилагоди со сите неопходни работи, за да може да ги постигне европските норми за болници од оваков карактер. Во досегашните активности реконструирани се сите три згради во комплексот Јасеново. Болницата располага и со свој сопствен автобус.

– Повеќе од 50-тина улици во градот се асфалтирани, поплочени или бетонирани во изминатите години од страна на Локалната сампоуправа. За решавање на проблемот со паркирањето изградени се и неколку нови паркинг простори (во близина на Автобуската станица, Стариот мост и старата зграда на театарот и други). Исто така изградени се повеќе потпорни ѕидови, заменети се водоводните цевки на многу улици во градот, а во високите зони се поставија голем број на ракофати. Неодамна се реши изгради и тротоар до населбата „Превалец” со што се реши долгогодишниот проблем на овие жители (2.000.000 денари).

– На влезот во градот кај т.н. „Штипско џаде” изграден е современ кружен тек за регулирање на сообраќајот, а во близина на општинската зграда пешачки надвозник за жителите од овој дел на градот (7.000.000 денари).

Токму заради овие и други проекти кои ги реализиравме и се реализираат за Велес граѓаните даваат поддршка на ВМРО-ДПМНЕ. Еве зошто жителите на Велес даваат поддршка на сериозна политичка партија која од самиот почеток даде ветување дека ќе го подобри квалитетот на живот во Велес и тоа го стори. Овој начин на работа и сериозната посветеност со сигурност можам да кажам дека ни овозможија да постигнеме успеси со кои се гордееме. Наша обврска е на нашите деца да им оставиме град со кој ќе се гордеат. Велес заслужува да го претвориме во град – лидер, во град – гордост.

Почитувани сограѓани,

Политичарите треба да се следат по тоа што го создаваат, по тоа што го работат да го подобрат условите за живот, по тоа што се обидуваат да отворат повеќе можности за луѓето. Преку условите што ги прават за отворање на нови работни места, зголемување на платите, пензиите, социјалните помошти, субвенциите и другите чекори. По тоа треба да се ценат политичарите, по нивната програма и по тоа што го работат за вас, во исполнувањето на таа програма, дали ја оправдуваат вашата доверба.

Велешани се мудри, работливи, честити луѓе. Нашите сограѓани знаат да препознаат кој колку вреди и кој работи за нивно добро, знаат да направат разлика и го знаат нашиот вистински лик. Нашиот вистински лик се нашите дела и проекти, тоа е нашата борба, борба за секое семејство, за секој наш граѓанин. Затоа што нивната судбина е и наша судбина, нивните предизвици се и наши.

Ве уверувам дека ќе опстоиме на патот кој заедно го зацртавме! Ве уверувам дека сме на вистинскиот пат!

Велес се сака со дела! Македонија се сака со дела, а не со омраза, лаги, шпекулации и поделби!

Пред неколку недели Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, најави нова фабрика која ќе инвестира во нашиот град. Работите околу договарањето со новиот инвеститор се во завршна фаза. Денот кога ќе објавиме колку наши сограѓани ќе се вработат во таа нова фабрика ќе биде најдобриот ден за Велес во последните 25 години. Тоа ќе е нашиот влог за Велес и нашите сограѓани.

СДСМ нека продолжи со својата деструкција, а ние ќе продолжиме да создаваме дела!