,,Чадорот’’ го отвори резервниот падобран на Заев за меко приземјување на 5-ти јуни

,,Чадорот’’ го отвори резервниот падобран на Заев за меко приземјување на 5-ти јуни
,,Чадорот’’ го отвори резервниот падобран на Заев за меко приземјување на 5-ти јуни

Одлуката на Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, да ги аболицира сите политичари од власта и опозицијата, кои се предмет на истрага, беше повод, лидерот  на Граѓанската опција за Македонија Стевчо Јакимовски, денеска во централното партиско седиште, да одржи прес конференција. Во своето обраќање до медиумите, првиот човек на ГРОМ , истакна дека како и целата македонска јавност, така и ГРОМ како партија, е крајно изненадена од одлуката на Претседателот на РМ , Ѓорге Иванов да изврши повеќе аболиции и една амнестија.

Запрепастувачки е, што оваа одлука се носи во моментот кога имаме нефункционална техничка влада, распуштен парламент, а со ваквата одлука Претседателот ја загрозува единствената институција од витално значење. Очигледно е дека некој извршил, огромен притисок врз Претседателот на државата за тој да донесе ваква одлука. Дилемата е дали притисокот врз Иванов се извршил од ,, чадорот’’, откако увидоа дека Зоран Заев не е вистинскиот избор за спроведување на нивното сценарио?, праша лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски.

Понатаму во своето излагање, Јакимовски напомена дека опозицијата во континуитет трпи пораз од владејачката коалиција. Истиот ,,чадор’’  е сведок и го преживува поразот од СЈО на кое после седуммесечна истрага, највисок дострел му е сознанието дека додека го апселе Љубе Бошковски, полицајците му упатиле пцовки?!

Најголемиот пораз, конечно го трпат од граѓаните на Република Македонија во случај кога рејтингот на владејачката коалиција е повеќе од двојно над опозицијата, односно соодносот е 2:1. Со ова ,,чадорот’’, всушност му го отвори ‘„резервниот падобран“ на Зоран Заев, за негово меко приземјување на изборите на 5-ти јуни. Посебно што единствено извесно окончување на кривична постапка во Република Македонија беше онаа против Зоран Заев, дециден беше лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски.

Истиот тој, продолжи Јакимовски, логично е да не сака да оди на избори, затоа што по поразот на изборите и неговата смена во СДСМ, полека, но сигурно се приближува кон македонските затвори. Досега Зоран Заев се плашеше од две работи: волјата на граѓаните на петти  јуни и од законот. Сега му останува да се плаши само од судот на народот.

Со овие акти кои ги донесе Претседателот Иванов се случува Пржинскиот договор, кој што ГРОМ уште од самиот почеток не го признаваше, да го помножи со нула, а секој број помножен со нула е – нула. Освен тоа со ваков потег Претседателот Иванов , политичарите ги прогласи за граѓани од прв ред, а народот за ,, обична раја’’, дециден беше Јакимовски.

Според ГРОМ, истакна претседателот на партијата Јакимовски, секој што направил криминал без оглед дали е од власта или од опозицијата или било кој друг граѓанин, треба да одговара за своите постапки. Конечно да го кажеме и тоа дека со ова политичарите не го ,, испраа’’ својот морален кредибилитет, а за тоа ,, кој е чист, кој нечист’’, судот требаше да го каже последниот збор.

Одговарајќи на поставено новинарско прашање, првиот човек на ГРОМ Стевчо Јакимовски беше катогоричен дека партијата и граѓаните водејќи се од принципиелни ставови, со собирот кој го организираше пред Уставниот суд, овозможиле судот да се изјасни слободно, без никаков притисок и закани.

Видовме и како одредени лица од невладини организации, јавно изјавуваа дека ќе се пресметаат физички со членови на Уставниот суд, оневозможувајќи ги судиите да си ја вршат слободно и по сопствено убедување својата работа, потсети Јакимовски.