Чаптекс – кипарската компанија преку која Владата на Бучковски и Шекеринска ја ограбувале Македонија

Значителен дел од документацијата доставена пред судот во Њујорк во аферата Телеком отпаѓа на консултантските договори потпишани со компанијата Чаптекс базирана во Кипар. Оваа компанија, предводена од Гркот Михаил Кефалојанис, клучен соработник на контроверзниот бизнисмен Димитриос Контоминас, склучувала договори со Македонски Телекомуникации, групацијата Стоунбриџ на Маѓар Телеком и со Телемакедонија – консултантската компанија преку која Македонски Телекомуникации ангажирал експерти од странство и од Македонија, пишува Република.
Според обвиненијата од американската Комисија за хартии од вредност, Чаптекс била компанија која извршувала божемни консултантски услуги, а всушност постои сомнеж дека добиените пари ги предавала на македонските политичари – од врвот на СДСМ, тогаш раководено од Владо Бучковски и Радмила Шекеринска и на раководството на нивните коалициски партнери.
Договорите со Чаптекс по право се склучени на сума малку под еден милион евра. Ова, наводно, се правело за да се избегне обврската да се распише тендер и да не се предизвика вниманието на ревизијата во Македонски Телекомуникации или Маѓар Телеком. Договорите се склучувани на различни дати, и можно е некои од нив да се и антидатирани. По правило, тие содржат општи одредби дека на пример, компанијата Чаптекс ќе пружа „консултантски услуги, поддршка, советодавни услуги, во врска со сите прашања во Македонија, стратегиски маркетинг, регулаторно советување и слично”. Но, вистинската содржина на договорот е во нивните анекси, приложени на крајот на договорот. Во нив е опишана реалната услуга која Чаптекс требало да ја испорача.
Република веќе пишуваше за договорот вреден 980.000 евра што Чаптекс го склучил со групацијата Стоунбриџ, на Маѓар Телеком на 1 јуни 2005 година, за да изврши измени на текстот на законот за работни односи, кој беше усвоен во Собранието на 22 јули истата година. Во овој случај, сумата од безмалку милион евра, преку Чаптекс, била вратена во Македонија и се претпоставува дека им била исплатена на некој од раководството на СДСМ, тогаш раководено од Бучковски и Шекеринска, со цел пратениците од владејачкото мнозинство да го изгласаат законот кој значително ги намалува работничките права, за среќа без обидот на Македонски Телекомуникации да се укине правото на заштита на работниот однос при бременост или при потреба на нега на член од семејството.
d
Еден од првите договори склучени со Чаптекс, кој излегува над вообичаената сума од 980-990 илјади евра, бил склучен на 22 октомври 2004 година, меѓу вкупно четири компании- Маѓар Телеком, Телемакедонија – консултантското тело на Македонски Телекомуникации, Космотелко – компанија на Контоминас со која тој учествувал во купувањето на дел во Македонски Телекомуникации и Чаптекс. Договорот е за вкупен износ од 1,7 милиони евра, кои Телемакедонија требала да ги исплати на Чаптекс. Овој договор е интересен затоа што во неговиот анекс се наведени поголем број отстапки кои Маѓар Телеком сакале да ги добијат од македонските регулаторни власти, и практично испратиле 1,7 милиони евра за потребите на коалицијата СДСМ-ДУИ-ЛДП. Во анексот пишува кои се заканите за Македонски Телекомуникации при либерализацијата на македонскиот пазар и кој е посакуваниот исход за компанијата.
d1
Како закани е наведено на пример дека регулаторното тело – Агенцијата за електронски комуникации – ќе има силни овластувања. Желбата на Маѓар Телеком и Македонски Телекомуникации била АЕК да нема можност да носи акти со законска сила.
d2
Друга закана идентификувана во договорот е на Македонски Телекомуникации да му се одреди статусот СМП – Significant Market Power, или значителен играч на пазарот на телекомуникации. Имајќи го предвид тогаш безмалку монополскиот статус на МТ во мобилната, фиксната телефонија и давањето интернет услуги, Македонски Телекомуникации секако ги исполнувале условите да бидат прогласени за значителен играч на пазарот и да се соочат со регулаторни последици и обврски да го отворат пазарот за други компании кои би понудиле поефтини и поквалитетни услуги. Според договорот, целта на МТ е со закон овој статус накусо наречен СМП да може да им се изрече само во областите каде нема други компании кои нудат исти услуги. Во случајот на мобилната телефонија, на пример, според Македонски Телекомуникации, би било доволно што воопшто постои друг конкурент – Космофон – без да се земе предвид тоа што мобилниот оператор на Македонски Телекомуникации Мобимак има неспоредливо поголем удел во пазарот од Космофон.
Во другите „закани” за лагодната позиција на Македонски Телекомуникации, за кои компанијата била подготвена да и плати на коалицијоната Влада предводена од  Бучковски и Шекеринска за да ги отстрани – се наведени опасноста АЕК да ја регулира цената на телфонските импулси, методологијата за пресметување на интерконекциските услуги и обврската на МТ да дозволи пристап на други компании до фиксната телефонија, преносливост на броевите и воведувањето на ФРИАКО можноста да не се мери времетраењето на поврзаноста на корисниците на интернет преку дајл ап врска. На пример, за преносливоста на броевите, Македонски Телекомуникации и Маѓар Телеком, во договорот со кој исплатиле 1,7 милиони евра на коалицијата предводена од Бучковски и Шекеринска, се согласиле да дозволат преносливост само на фиксните броеви. Во пракса, ова би значело дека дури и да се појави посилен конкурентски мобилен оператор, корисниците кои би сакале да се префрлат на него од скапата мрежа на Мобимак, не би можеле да го користат својот стар телефонски број и префиксот 070, што претставува голема нелагодност за корисниците кои според очекувањата на Маѓар Телеком и Македонски Телекомуникации попрво ќе плаќаат повисоки сметки отколку да мора да го информираат целиот свој круг на пријатели за новиот телефонски број. Особено е интересна последната точка – воведувањето на мобилен виртуелен оператор – компанија која не би имала право да поставува свои базни станици и да гради своја инфраструктура во Македонија, но би понудила конкуренција користејќи ја постоечката мрежа на Мобимак или Космофон. Во договорот од 2004 година со кој се исплатени 1,7 милиони евра, Македонски Телекомуникаци и Маѓар Телеком и платиле на тогашната македонска Влада преку посредниците испратени од Контоминас, со цел да не се воведе дури ни ваков вид на послаба конкуренција.
d3
Дел од натамошните договори со Чаптекс ги разработуваат овие прашања, а дел отвораат нови. Така на пример, договор потпишан на 1 мај 2005 година меѓу директорите на Македонски Телекомуникации Атила Сендреи и Ролф Плат и Михаил Кефалојанис од Чаптекс, предвидува дека на кипарската компанија на Контоминас ќе и се исплатат 980.000 евра за да се издејствува македонските власти да ја намалат фреквенциската давачка која Македонски Телекомуникации требале да ја платат од 4,8 милиони евра најмалку на 2,7 милиони евра, и тоа да се издејствува до 30 јуни 2005 година.
d4
Дополнително, Владата на Бучковски и Шекеринска, преку овој договор потпишан со Контоминас, инкасирала 980.000 евра за да се откаже од ретроактивна наплата на оваа фреквенциска давачка за 2003 и 2004 година и да се обврзе давачката за 2006 година да изнесува само 1,2 милиони евра.
d5
Со ова, македонскиот буџет ќе останел покус за милиони евра што Македонски Телекомуникации требало да ги платат, но партиските каси на СДСМ и ДУИ или приватните сметки на нивните лидери ќе се наполнеле со скоро еден милион евра, испорачани преку Контоминас.
Договорот дополнително предвидува од што ќе зависи исплатата на парите за поткуп на македонските тогашни власти. Од намалувањето на фреквенциската давачка зависеле 60 проценти од исплатата, од нејзината ретроактивна примена зависеле дополнителни 15 проценти од милиончето што водачите на Владата требало да го поделат, а од намалувањето на давачката за 2006 година зависеле уште 25 проценти.
d6
Друг договор, потпишан на 1 јуни 2005 година, меѓу Чаптекс и групацијата Стоунбриџ, предвидувал повторно 990.000 евра за кипарската компанија на Контоминас, кои ќе бидат исплатени на нејзината сметка во Кипарската народна банка во Никозија во замена за издејствување на поволна методолигија за тарифирање на разговорите, да се одбегне обврската Македонски Телекомуникации да наплаќа услуги за трети лица и да се одбегне опасноста Македонски Телекомуникации да бидат прогласени за значителен, доминантен играч на пазарот. Интересно е што во овој договор е содржана одредба дека ништо во него нема да го прекрши американскиот закон за корупциски дејности во странство. Ова е токму законот кој им дава право на американските власти, конкретно на Комисијата за хартии од вредност на САД, да гони компаии како Маѓар Телеком кои котираат на американската берза за поткупот исплатен на СДСМ и ДУИ преку Кипар. Ова укажува дека со текот на времето, во Маѓар Телеком станале свесни дека можат да бидат изложени на сериозна американска истрага за парите што им ги плаќале на Владата на Бучковски, Шекеринска и Ахмети. Законот им дозволува на САД да ги гонат директорите на Маѓар Телеком затоа што оваа компанија котира на берзата во Њујорк, и со тоа се смета дека секоја коруптивна зделка во која Маѓар Телеком влегол било каде во светот, практично претставува измама на американските државјани кои на берзата ќе купат акции на Маѓар Телеком, без да знаат дека за тоа во иднина може да се води кривичен случај во Македонија. САД ги гонат менаџерите на Маѓар Телеком, Елек Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Морваи, кои се обвинети дека ги измамиле своите американски акционери со поднесувањето на лажни завршни сметки до Комисијата за хартии од вредност на САД, во кои договорите со Чаптекс биле лажно претставени како реални, вистински консултантски договори, а не како обичен поткуп на раководствата на партиите СДСМ и ДУИ. Токму овие договори, како и неколкуте други договори потпишани со Чаптекс, се основа и за кривичниот случај покренат во Македнија против директорите во Македонски Телекомуникации Атила Сендреи и Ролф Плат, директорот во групацијата Стоунбриџ Золтан Кишиуж и посредникот на Контоминас – Михаил Кефалојанис.