Македонија

Часовите по физичко образование да не се заменуваат со други предмети и активности

Часовите по физичко образование да не се заменуваат со други предмети и активности

Со цел потикнување на младите на спортска активност и здрав начин на живеење, трета година по ред се реализира проектот „Континуирано усовршување на наставниците и професорите по физичко образование од основните и средните училишта“.

Наставата по физичко воспитание не треба да се занемарува од страна на професорите и наставниците, напротив треба да се реализира според наставната програма. Само на тој начин учениците ќе се потикнат на спорт и здрав живот.

Веќе трета година по ред се реализира проектот „Континуирано усовршување на наставниците и професорите по физичко образование од основните и средните училишта“.

-Фокус група ни се наставниците за физичко образование и воспитување во основните училишта и професорите по спортски активности во средните училишта. Главната цел на проектот е да го подобриме квалитетот на воспитно-образовниот процес во целина, особено во делот на изведување на активностите по физичко образование и во најмала рака да го постигнеме нивото кое што го има во Европската унија, изјави директорот на АМС Марјан Спасески.

Проектот се реализира во шест региони со употреба на голем број спортски дисциплини, а во претходните две години менторите, односно предавачите на семинарите одржани во рамките на овој проект промовираа нови методи за постапки, промовираа современи технологии наменети за наставниците и професорите по физичко воспитание.

Оваа година семинарите ќе бидат интерактивни, односно со вклучување на наставниците и професорите со цел да се разменат искуства и знаења од самиот терен.

Целта е на овој проект е да се потикнат професорите по физичко образование во континуитет да ги изведуваат сите наставни единици.

-Овој проект е за обуки за наставниците кои предаваат предметна настава во основните училишта, меѓутоа мојот апел ќе биде насочен и кон одделенските наставници бидејќи и таму часовите по физичко се застапени со голем неделен фонд, но евидентиран проблем на терен е што некои наставници овие часови ги заменуваат со други предмети. Мојот апел до нив е часовите по физичко да бидат посветени на она што е предвидено, со целите во наставната програма, односно малите дечиња во основното образование да бидат активни на часовите по физичко. На тој начин се создава спортска култура, а исто така се превенираат голем број деформитети кои можат да се јават во физичкиот развој на малите деца, изјави Весна Хорватовиќ Директор на Бирото за развој на образованието.

Проектот го организира Агенцијата за млади и спорт во соработка со Министерството за образование, Бирото за развој на образованието и Факултет за физичко образование, спорт и здравје.