Чави: Ова беше најтешка одлука во мојот живот

Фудбалерот на Барселона, Чави Хернандез, по 24 години на “Камп Ноу”, ова лето и дефинитивно си заминува од каталонскиот гигант. Тој денеска, официјално на прес – конференција, објави дека ја напушта Барселона и дека кариерата ќе ја продолжи во катарскиот клуб Ал Сад, за кој потпишал договор на две сезони, со опција и за соработка за уште една дополнителна година.

“Ова беше мојата најтешка одлука во животот. Да го напуштам клубот каде ја минав мојата младост, но и целата досегашна кариера, со кој освоив се што можеше да се освои. Но, дојде време за заминување, Барселона секогаш ќе биде дел од моето срце, а јас продолжувам во Ал Сад. Потоа ќе работам и во раководството на клубот, се до 2022 година, со мисија да формирам квалитетна фудбалска академија. Морам да се заблагодарам, добив и понуда за продолжување во редовите на Барселона до 2018 година, но одлуката веќе беше донесена”
, изјави Чави Хернандез.

Барселона ќе се прости од легенданиот Чави на посебен спектакл, ревијален натпревар, на кој веќе се поканети сите досегашни негови тренери во Барселона.