Чавков: Безбедносната состојба во Македонија е стабилна

Безбедносната состојба во Македонија е стабилна иако постојат одредени сознанија дека поединци или групи ќе посегнат кон одредени напади на поединци или на објекти, во знак на одмазда за акцијата на македонската полиција во Куманово. Ова во изјава за медиумите го посочи министерот за внатрешни работи Митко Чавков по министерскиот состанок на МАРРИ во Скопје.

– Овие сознанија иницираат на можности од асиметрични закани на поединци или групи. Така што зголемувањето на нивото на безбедност во однос на подигањето на оперативно ниво е токму во тој правец на превенирање или одвраќање на такви активности. Но, во исто време сме должни да посочиме на можноста од такви ризици, додаде Чавков.

Чавков денеска на маргините од состанокот имаше кус разговор со министерот за внатрешни работи на Косово, Скендер Хисени.

Хисени во изјава за медиумите рече дека е задоволен што од денеска Косово станало дел од МАРРИ, но избегна да одговори на прашањата на новинарите за случувањата во Куманово.

Инаку, ова е прва посета на косовскиот министер Хисени на Македонија по полициската акција во кумановската Дива населба.