сабота, 21 јануари 2017  |  Вести денес: 11

Чавков-Блашчак: Реафирмирана полската поддршка за справување со мигрантската криза

Полска е задоволна од соработката со Република Македонија во областа на справувањето со бегалската криза и ќе продолжи да ја поддржува нашата земја и по 1 јули откако ќе го преземе претседавањето со Вишеградската група, изјави денеска во Скопје полскиот министер за внатрешни работи Мариуш Блашчак на заедничката прес-конференција со неговиот македонски колега Митко Чавков.

cavkov

Последни вести

Министерот Блашчак истакна дека двете земји имаат мошне добра соработка која се операционализираше со испраќање на полскиот контингент од 30 полициски службеници кој директно учествува во справувањето со бегалската криза.

– Како резултат на добрата соработка во рамки на земјите од Вишеградската група одлучивме да испратиме контингент составен од 30 службени лица од полската гранична полиција добро обучени професионалци. Од разговорите дознавме дека соработката на терен се одвива многу добро и има веќе мерливи резултати. Таа политика ќе продолжи. Од 1 јули Полска го презема претседателството со Вишеградската група. Начинот и политиката на справување со бегалската криза ќе биде на исто ниво како и досега, ќе даваме поддршка, рече Блашчак.

Министерот Чавков истакна дека за време на разговорите ја изразил благодарноста за придонесот на Полска како членка на Вишеградската група во операционализирање на идеите и иницијативите кои произлегоа од наша страна за потесна и пооперативна соработка, што, рече, било операционализирано со испраќање на контингентот од Полска кој извршува заеднички активности со нашите полициски службеници на јужната граница на Македонија со Грција.

На средбата, како што посочи Чавков, покрај за бегалската и мигрантската криза, за предизвиците со кои Македонија се соочуваше досега и за проценките за развојот на настаните во идниот период во контекст на бегалската криза, а станало збор и активностите од грчка страна кои се започнати денеска за дислокација на бегалците од кампот Идомени каде престојуваат околу 10 илјади бегалци.

– Сметаме дека со тоа ќе се намали притисокот врз Република Македонија. Од друга страна, ќе се релаксираат тензиите коишто постоеја на дневна основа на самата граница, односно на граничниот камен „59“. Сепак, сметаме дека овие предизвици со бегалската криза нема да завршат, односно нема да се елиминираат со самото дислоцирање на бегалците од Идомени во внатрешноста на Република Грција. Се додека  постојат причините ќе постојат и последици од овие состојби кои се генерираат со бегалската криза. Како и да е, сметам дека постигнавме еден соодветен квалитет ние како Република Македонија дадовме силен придонес. Тоа и во оваа прилика ни беше одадено признание од МВР на Полска, како и од други држави, рече министерот Чавков.

Тој нагласи дека со полскиот колега заеднички се согласиле и практично ја реафирмирале потребата од координиран и ефективен одговор помеѓу различните држави на сите овие предизвици со кои се засегнати како бегалската криза, борбата против тероризмот.

– Ние ќе продолжиме со несмален интензитет да работиме во попречувањето на активностите на организирани криминални мрежи кои ќе бидат се поактуелни во кримучирањето на мигрантите и трговија со луѓе бидејќи самата редукција на влез во Република Македонија сама по себе создава претпоставки за активирање на организирани криминални мрежи кои работат национално и меѓународно. Така што останува потребата од натамошни заеднички и координирани активности. И да подвлечам дека ја реафирмиравме потребата од координиран и ефективен одговор меѓу сите држави кои се засегнати од овие предизвици како бегалската криза, рече Чавков.

Полската делегација попладне ќе го посети и прифатниот центар „Винојуг“ каде ќе оствари средба со командирот на полскиот контингент.

Најчитани вести