Чавков и Блашчак во Гевгелија

Министерот за внатрешни работи Митко Чавков изрази голема благодарност до Полска и земјите од Вишеградската група кои и помогнаа и се уште и помагаат на Македонија во справувањето со бегалската криза при денешната посета на ПТЦ Гевгелија со неговиот колега од Полска, Миклуш Блашчак, кој во оваа прилика го посети и полскиот контингент полицајци кои им помагаат на нашите безбедносни сили.

Министерот Чавков нагласи дека таа не е симболична туку конкретна и многу значајна помош за нас и многу придонесува во справувањето со мигрантската криза и решавање на проблемите и предизвиците кои не се само наши,туку заеднички.

Со затворањето на балканската рута и дислокацијата на мигрантите од дивиот камп во Идомени која почна денеска, министерот Чавков истакна дека состојбата на јужната гранична линија малку се релаксира затоа што тука моравме да ангажираме од 400 до 600 полицајци,а сега состојбата се стабилизира.

Состојбата дополнително ќе се релаксира со дислокацијата на мигрантите од Идомени, но ние и натаму ќе останеме будни затоа што нашите информации говорат дека одредени криминални групи се подготвуваат за кријумчарење на мигранти кои илегално ќе се обидуваат да ги префрлаат на наша страна, рече Чавков.

Оваа криза која е плод на дестабилизирање на земјите од Блискиот исток е голем предизвик за сите нас, истакна полскиот министер за внатрешни работи Блашчак, кој нагласи дека дислоцирањето на бегалците не е решение за кризата, туку дека единствено решение е затворање на границите.

Секогаш сме подготвени да помагаме на земјите каде што има кампови, но тоа да биде надвор од Европа. Таквата наша политика сигурно ќе продолжи и после 1-ви јули кога Полска ќе го преземе претседателствувањето со Вишеградската група така што и понатаму ќе помагаме со ангажирање на нашата гранична полиција која е професионално обучена формација за вакви ситуации, нагласи Блашчак.

Двајцата министри за внатрешни работи беа во кратка посета и на граничниот камен 59 од каде што можеа да се уверат во ангажманот на грчките специјални полициски сили во дислоцирањето на мигрантите од кампот во Идомени.