Чавков: Измените на Законот за внатрешни работи се по европски стандарди

Законот за внатрешни работи има три суштински измени, кои се во духот на европските стандарди направени според компаративна анализа и искуства од Хрватска, Словенија, Австрија и други европските држави, истакна денеска министерот за внатрешни работи Митко Чавков, кој денеска ја посети плажата „Конект“ во село Сливница на Преспанското Езеро, во рамки на манифестацијата „Летен хепенинг 2016“.

Одговарајќи на новинарски прашања појасни дека согласно законските измени организациската структура ќе се утврдува со уредба која ќе ја донесе Владата, систематизацијата ќе ја донесува министерот за внатрешни работи во претходна согласност со Владата со што ќе се обезбеди стабилна организациска структура која нема да биде предмет на негативни креативности од кој било министер независно од која политичка гарнитура доаѓа.

Овие измени се суштински, но не се за дневно политичка цел, туку се развојни системски решенија кои на долги стази треба да допринесат за стабилизирање на организациските структури на МВР и да надминеме еден апсурд, рече Чавков.

Според него, ова нема никаква врска со ингеренциите на министерот за внатрешни работи, тој може непречено и со полн капацитет да ги остварува функциите во Министерството, но тоа, подвлече, треба да го прави согласно законите за внатрешни работи и полиција.

Токму тука е реакцијата од страна на опозицијата. Веројатно такви системски решенија не им одговараат ниту сега ниту за во иднина. Во Законот за внатрешни работи утврдивме систем на кариера каде утврдивме девет категории хиерархиски нивоа на работни места. Нашата интенција унапредувањата да бидат регулирани законски со точни утврдени и прецизирани критериуми напишани во Закон за внатрешни работи. Овој систем е зајакнат преку претходна обука кој секој полициски службеник треба да ја има поминато доколку сака да се развива во кариерата или сака од едно да премине на друго хиерархиско ниво. На тој начин сакаме да ставиме апсолутен ред во унапредувањето според критериуми и заслуги, појасни Чавков.

Во однос на преговорите на политичките партии за договорот во Пржино во делот околу ингеренциите на министерот за внатрешни работи во преодната влада, Чавков појасни дека ниту една ингеренција на министерот за внатрешни прашање не е доведена во прашање.

Во прашање се доведуваат практично идните планирања или активности кои се очигледни дека не се мотивирани во духот на Пржинскиот договор, туку напротив се сака во тој временски период пак да се предизвика одреден хаос во МВР. Нашата интенција е да создадеме претпоставки тоа да не се случи не само заради безбедносните ризици, туку и поради фактот дека Министерството треба да продолжи на ефикасен и ефективен начин да си ја врши својата функција. Припадниците на МВР не се предмети, туку се полициски службеници кои треба и е неопходно да имаат правна сигурност на своите работни позиции за да може да ги остваруваат своите обврски и да ги извршуваат своите овластувања во рамките на МВР, нагласи ресорниот министер.

Тоа, како што рече, покажува дека од старт се има нечесни намери за вршење незаконски промени, бидејќи има систем на кариера и веројатно е дека тенденцијата или интенцијата не е промени согласно системот на кариера кој е вграден во Законот за внатрешни работи.

Практично тоа се европски стандарди кои сме ги вградиле во закон во рамки на проекти што сме ги воделе заедно со ЕУ, со држави од ЕУ, Европската комисија и навистина јас не можам да бидам рамнодушен на едни такви тенденции кога ќе се изгради еден таков концепт или систем управување со човечки ресурси да дојде некоја политичка фигура независно од која политичка партија да направи хаос во тој ред, додаде Чавков.

Според него, МВР има професионалци на високи позиции  и промената и назначувањето треба да биде во согласност со Законот за внатрешни работи.

Интенцијата или духот на Пржинскиот договор сепак е доверба или гаранција дека МВР ќе биде контролирано и од страна на опозицијата преку министер. Сметам дека на тој начин ќе се спречат и шпекулациите дека МВР било злоупотребувано. Досега не докажаа ниедна злоупотреба од страна на поединец или генерално од МВР, рече Чавков.

Преговорите, додаде тој, се запнати тука во тој дел да создадеме претпоставки навистина да се имплементира духот на Пржинскиот договор не преку масовни промени и кршење на Законот за внатрешни работи, туку напротив преку градење на меѓусебна доверба.

Професионалци има и не можете никого да убедите ниту граѓаните на Македонија може сами да се убедат дека е неопходно или дека е исправно некој незаконски да се помести од раководна позиција, а на негово место да дојде некој што ќе скокне седум-осум скалила во својата хиерархија која е директно спротивна со Законот за внатрешни работи. Запирањето само покажува и потврдува дека луѓето немаат чесни намери со влегувањето во власта односно во МВР да го имплементираат духот на Пржинскиот договор, изјави министерот Чавков.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.