Македонија

Чавков: Kоординиран и меѓуинституционален пристап за поголема безбедност во сообраќајот

Чавков: Kоординиран и меѓуинституционален пристап за поголема безбедност во сообраќајот
Чавков: Kоординиран и меѓуинституционален пристап за поголема безбедност во сообраќајот, фото: МИА

Сообраќајот е комплексна појава и само со еден координиран и меѓуинституционален пристап може да очекуваме долгорочни резултати во насока на подигнување на безбедноста. Затоа треба да се напомене дека реализацијата на планираните мерки и активности од Втората национална стратегија е обврска, на сите институции во Република Македонија, кои под  раководство на Владата на Република Македонија, чии активности се координирани од Координативното тело на Владата за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, ќе обезбедат посилен меѓусекторски пристап во реализирање на основните заложби утврдени во оваа стратегија.

Ова меѓу другото го истакна министерот за внатрешни работи Митко Чавков во своето обраќање на денешната промоција на Втората национална стратегија на Република Македонија за унапредување на безбедност на сообраќајот 2015-2020 што се одржа во скопскиот хотел „Холидеј ин“.

Според министерот Чавков, МВР во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во текот на 2015 година реализираа голем број на заеднички кампањи, пред се насочени кон ранливите групи на учесници во сообраќајот на патиштата.

-Превентивните активости, координирани и подржани со зачестените контроли на сообраќајната полиција, и силната медиумска подршка придонесоа за задржување на трендот на намалување на сообраќајните незгоди и бројот на загинати и повредени во 2015 година, нагласи Чавков.

Притоа тој презентираше дел од статистичките показатели според кои во првите  шест месеци од 2014 година во сообраќајни незгоди имало загинато 71  лице, а до денешниот 25  јуни или во првите шест месеци од 2015 година има загинато 52 лица, а пак по однос на бројката на повредени лица во компарираните периоди, во првата половина на минатата година евидентирани се 2.687 лица повредени во сообраќајни несреќи во споредба со 2.093 повредени лица од почетокот на годинава заклучно со  месец мај.

– Ова говори дека сме на добар пат задржувајќи го трендот на намалување, кога правиме споредба со состојбите во 2014 година во која имавме историски најмал број на загинати и повредени лица во сообраќајните незгоди во Република Македонија. Министерството во рамките на своите надлежности, ќе продолжи со зголемени активности во делот на контрола на сообраќајот на патиштата, преку акциските контроли, се со цел зголемено присуство на сообраќајната полиција на критичните делници и  места каде се случуваат сообраќајни незгоди, преку  превземање казнени мерки кон прекршителите, а во рамките на препораките од Стратегијата и својот акционен план, нагласи министерот Чавков.