Чавков: Македонија има разработено повеќе сценарија за состојбите со мигрантите

Македонија има разработено повеќе сценарија за состојбите со мигрантите кои што во зависност од развојот на состојбите понатаму ќе се спроведуваат. Ова го нагласи министерот за внатрешни работи на Република Македонија Митко Чавков одговарајќи на пратеничко прашање на пратеникот Крсто Муковски.

Чавков потенцира дека оваа мигрантска криза не е од 2015-та година, туку дека таа трае неколку години наназад, но како што поминува времето така работите со миграциските процеси ескалираа. Тој нагласи дека факт е дека нема една единствена европска рамка за соочување со овој проблем.

Владата на Република Македонија навремено реагираше воспоставувајќи со одлука на влада, министерско тело, нагласи Чавков.

Притоа, Чавков нагласи дека во министерското тело се Министерот за внатрешни работи, Министерот за надворешни работи и Министерот за здравство.

Ако на почетокот на годината имавме 400, 500 мигранти, пролетта тој број почна да се зголемува, рече Чавков.

Притоа тој потенцира дека пред јуни, односно пред донесувањето на измените на законот за азил, Македонија се соочувала со проблемот со справување со одредени криминални мрежи кои се занимавале со криумчарење на мигранти. Јавноста беше сведок на неколку железнички несреќи, но и други проблеми.

Мигранти на железничката станица во Гевгелија
Мигранти на железничката станица во Гевгелија

Како што рече, со донесувањето на измените на Законот за азил овозможено е овој безбедносен аспект до максимум да се минимизира. Овозможен е јавен превоз за мигрантите кои на организиран начин се превезуваат и се пренесуваат. Истите се заштитени да не бидат плен на организирани криминални мрежи, со што понатаму, како што рече, било обвозможено да се пристапи кон хуманитарен третман, да се создадат претпоставки за ефективна регистрација на мигранти.

Притоа Чавков нагласи дека сето ова било потврдено и од страна на ЕУ.

Тој нагласи дека со развивање на Акцискиот план, биле утврдени краткорочни мерки и долгорочни мерки. Македонија има разработено повеќе сценарија за состојбите со мигрантите кои што во зависност од развојот на состојбите понатаму ќе се спроведуваат.

Со Грција воспоставени неколку оперативни контакти

По екстремната ескалација на бројот на мигрантите Владата донесе одлука за прогласување кризна состојба на јужната и северната граница на Република Македонија. Одлуката за кризна состојба дојде по апсолутната ескалација, по влегување на дневна основа на 7-8.000 мигранти, рече Чавков.

Тој нагласи дека и Грција има проблеми со состојбата со мигрантите но во тој период таму имало воспоставена пракса, мигрантите од грчките острови организирано да се превезуваат кон македонската граница.

Во тој момент бевме оставени сосема сами, немавме комуникација со грчките власти ниту на оперативно ниво, рече Чавков и посочи дека од грчка страна не биле спроведувани контроли ниту биле распоредени нивни капацитети на граничната линија.

Со Грција воспоставени неколку оперативни контакти
Со Грција воспоставени неколку оперативни контакти

За разлика од таа состојба, како што рече министерот, од страна на Македонија биле релоцирани голем дел од капацитетите од граничната полиција, како и од секторите за внатрешни работи во земјата.

Ние преземавме интенизвни мерки и активности, успеавме да се справиме со таа состојба која што беше мошне драматична тие два- три дена. Тоа беше и сигналот што се прати од Р.М. да посочиме и на реалниот проблем со кој отсуство на координација од другата страна на границата, рече Чавков.

Тој нагласи дека веројатно сигналите преку ЕУ стигнале и до другата страна. Нагласи дека биле воспоставени неколку контакти на оперативно ниво, кои, како што рече, не ги даваат посакуваните резултати, но изрази уверување дека од страна на ЕУ ќе се најде начин како да се воспостави таа координација со Република Грција.