Чавков: Ниту една ингеренција на министерот за внатрешни работи не се доведува во прашање

Министерот за внатрешни работи Митко Чавков на денешната прес-конференција по барање на новинарите да ги коментира барањата, во рамки на преговорите на политичките партии, за намалување на ингеренциите на министерот за внатрешни работи, уште еднаш повтори дека се работи за класични шпекулации.
– Ниту една ингеренција на министерот за внатрешни работи не се доведува во прашање со измените на Законот за внатрешни работи и на Законот за полиција, изјави Чавков, додавајќи оти досега во таа насока не слушнал ниту едно аргументирано мислење од СДСМ, ниту од одредени експерти кои ги толкуваат или коментираат тие измени во законските прописи.
Тој појасни дека измените се извршени врз основа на компаративна анализа односно разгледани се искуствата  на Австрија, Словенија, Хрватска.
– Нема држава во која организацијата и структурата не е утврдена со акт на Влада. Во конкртетниот случај ние бараме тоа да се уреди со уредба. Нема Министерство односно држава каде што за правилна систематизација на работни места не се бара согласност од Владата. Тоа нема ништо заедничко со ингеренциите на министерот за внатрешни работи, образложи меѓу другото Чавков.
Тој оцени дека токму тие законските измени се на линија на создавање правни претпоставки за етаблирање стабилен организациски систем и структура, која на долг рок ќе даде посилни резултати, а МВР ќе биде заштитено од неодговорно однесување од кој било министер независно на која политичка провиненција припаѓа.
– Законот за организација на Влада упатува дека министерот за внатрешни работи има право и на распоредување согласно Закон за внатрешни работи во кој точно е утврдена хиерархијата – девет категории на работни места, девет хиерархиски нивоа и секој чекор е развиен, токму од причина да нема злоупотреби и да се обезбеди правна сигурност на сите вработени, потенцира министерот Чавков.
Чавков информира дека СДСМ спорат и за измената во Законот за внатрешни работи за воведување задолжителна обука за припадници на МВР кои сакаат или за кои ресорното Министерство има потреба да преминат од едно на друго хиерархиско ниво.
– Тоа се европски стандарди и е на линија на зајакнување на институционалните капацитети на МВР, рече на прес-конференцијата министерот за внатрешни работи Митко Чавков.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.