Чавков: Со кратењето на буџетот за МВР ќе страдаат проектите за реформи на полицијата

Најголемиот дел од кратењето на буџетот е во МВР и морам да кажам дека е зафатена ставката која се однесува на реформи во полицијата. Во тој контекст, јас би сакал да кажам дека во последните две и пол години и покрај длабоката политичка криза, ние како Министерство за внатрешни работи имавме иницирано неколку клучни проекти за функционални реформи на МВР и во тој контекст и за Бирото за јавна безбедност, изјави во гостувањето во ТВ Нова поранешниот прв човек на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков.

„Овие проекти беа со европско знаме, и покрај сите опструкции за одвивање на овие проекти, ние успеавме да ги извадиме до крај иако имаше апсолутна незаинтересираност по влегувањето во Пржинската влада итн., со продолжувањето на политичката криза“, вели Чавков.

Појасни дека предвидувањето на тој износ на пари во буџетот бил за да се отпочне со имплементација на сето тоа што е утврдено во стратегијата и во акциските планови.

„Клучни проекти се: стратегија за развој на БЈБ 2017-2020 година и другиот проект е национален проект за консолидација на системот за безбедност, кој исто така е развиен во минатата година, но буџетот беше планиран за негова понатамошна операционализација“, рече Чавков.

Според Чавков, во овие два клучни проекти се вклучени и препораките од извештајот на Прибе.

„Во овие два клучни проекти коишто беа предвидени, коишто беа развиени и за коишто беа предвидени овие буџетски средства, токму тука се предвидени и препораките, односно и реализацијата на препораките од извештајот на Прибе, но не само тоа, многу други прашања се развиени и се регулирани во овие стратегии и во овие акциски планови, така што многу повеќе од функционални реформи кои излегуваат надвор од самите препораки на Прибе“, рече Чавков.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.