Чавков: Во БЈБ и УБК веднаш да се врати претходната состојба

Управниот суд на Република Македонија  во текот на вчерашниот ден донесе дваесет и девет Решенија за времена мерка со кои предлогот на дополнителниот заменик министер за внатрешни работи за донесување на времена мерка се уважува и му се забранува на Министерот за внатрешни работи во Владата на Република Македонија, Оливер Спасовски, да презема дејствија во врска и по повод донесените решенија за разрешување, именување и распоредување на раководни и други работици во Министерството за внатрешни работи.

Заменик министерот за внатрешни работи упати писмена изјава до јавноста по повод донесените решенија од страна на Управниот суд.

Чавков нагласува дека сите 29 решенија беа судски оспорени заради еклатантно кршење на членот 44 став 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Владата на Република Македонија – објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 196/2015 од 10 ноември 2015-та година, во којшто стои дека Министерот за внатрешни работи може да изврши разрешување или распоредување на исто, пониско или повисоко место на носител на раководна позиција во министерството во согласност со Закон.

Во сите 29 оспорени решенија за разрешување, именување и распоредување на раководни и други работици во Министерството за внатрешни работи донесени од министерот за внатрешни работи г-дин Оливер Спасовски, грубо се прекршени повеќе одредби од Законот за внатрешни работи во коишто е детално регулирана постапката и условите за распоредување на работниците во Министерството за внатрешни работи и на повисоко и на пониско работно место. Особено безобзирно се прекршени одредбите од членовите 106, 107, 109, 111 од Законот за внатрешни работи коишто се однесуваат на распоредувањето на работниците во Министерството на друго работно место, условите за распоредување во Министерството, транспарентноста на постапката на распоредувањето и условите за распоредување на работниците по потреба на Министерството, а исто толку безобзирно се прекршени и одредбите од членовите од 40 до 48 од Законот за внатрешни работи во коишто е регулирана Класификацијата на работните места во Министерството, критериумите за утврдување на таа Класификација, нивоата на работните места согласно утврдените категории на работни места и распоредувањето, односно унапредување на работниците согласно со Класификацијата на работните места. Во практика, ваквото кршење на законските одредби доведе до случаи одредени работници во Министерството за внатрешни работи со решение на министерот Спасовски да бидат унапредени во хиерархијата на Министерството и по седум нивоа одеднаш, вели Чавков.

Тој напоменува дека против Решенијата за времена мерка донесени од Управниот суд на Република Македонија е дозволена жалба, но бидејќи Законот за управните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2006, 27/2008, 117/2009, 150/2010 и 171/2010) не предвидува дека жалбата го одлага извршувањето на било кое поединечно Решение за времена мерка, неопходно е да се овозможи непосредно спроведување на Решенијата за времена мерка донесени од Управниот суд.

Во тој контекст, дадов писмено задолжение до Директорот на Бирото за јавна безбедност и Директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање при Министерството за внатрешни работи на Република Македонија ВЕДНАШ да се воспостави претходната состојба во Бирото за јавна безбедност и Управата за безбедност и контраразузнвање каква што била пред донесувањето на посочените решенија за именување, разрешување и распоредување.  Ова вклучително подразбира и примопредавање на работните простории, материјално-техничките средства и документацијата од страна на припадниците на Министерството за внатрешни работи за чии Решенија за именување или распоредување е воспоставена судска забрана за преземање на дејствија се до правосилноста на одлуката по тужбите поднесени од моја страна, вели Чавков.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.