Чавушоглу: Еден од напаѓачите кај стадионот во Истанбул бил од Сирија

Еден од извршителите на бомбашкиот напад крај стадионот на фудбалскиот клуб „Бешикташ“ во Истанбул, при што загинаа 44 лица, потекнува од Сирија, изјави синоќа турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу.

Одговорност за нападот крај стадионот на „Бешикташ“, што се случи во саботата вечерта, презеде организацијата Јастреби на слободата на Курдистан (ТАК), што ја формираа група дисиденти од Курдската работничка партија (ПКК).

На истиот стадион синоќа се одигра натпревар меѓу „Бешикташ“ и „Кајсериспор“, а пред почетокот на мечот пред објектот се собраа неколку илјади навивачи на повеќе ривалски фудбалски клубови, со цел да изразат солидарност со жртвите на нападот.

Тие вееја турски знамиња, свиреа и извикуваа разлини пароли, меѓу кои и „мачениците никогаш не умираат“, „татковината не е поделена“ и „солидарност и патриотизам“.

Пред почетокот на натпреварот со едноминутен молк им беше изразена почит на загинатите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.