Чеховски медведи му се реваншираа на Металург на негов терен

(фото и текст Екипа.мк)

Ракометарите на Металург не ја оправдаа фаворитската улога во возвратниот дуел со Чеховски медведи и беа поразени во неделата на домашен терен со 26:29 во натпреварот од 6-то коло во Групата Д од Лигата на шампионите.

Рускиот тим успеа да му се реваншира на Металург за поразот во претходното коло и на гостувањето во Скопје стигна до првите бодови сезонава во Лигата на шампионите, по пет порази во серија.

Металург одигра под нивото што им донесе позитивни резултати во претходните три натпревари од ова натпревање, со многу грешки во одбраната, тешка реализација и безидејност во нападот, четири нереализирани седмерци и многу примени голови на празен гол и на крај казната беше непланиран пораз на домашен терен, вкупно трет во натпреварите од групната фаза во Лигата на шампионите.

Седум минути му беа потребни на Металург за да дојде до првиот погодок по серијата грешки и промашувања во нападот. Ни играта со седум играчи во напад, не донесе поголема ефикасност кај „металурзи“, но затоа пак им отвори простор на гостите да дојдат до три лесни погодоци на празен гол од кои еден и на голманот Дмитри Павленко. По првите десет минути Чеховски медведи веќе имаа водство од 1-5, а Металург сѐ уште се обидуваа да фатат ритам и да ја најдат вистинската игра. Капитенот Филип Кузмановски успеа да намали од седмерец на 2:5, но потоа во вториот обид од линијата на седум метри неговиот удар беше сопрен од Павленко, што дополнително ја отежна ситуацијата на Металург во првата четвртина од натпреварот. Во 12 минута гостите првпат зголемија на плус 5 поведувајќи со 2:7.

Металург успеа да врзе два гола во серија и да ја намали негативата, но не и бројот на техничките грешки, посебно во нападот, што Русите овојпат знаеја ефикасно да ги казнат и на десет минути пред крај на првиот дел, да ја зголемат предност на 6:12, а потоа и но 7:13.

Александар Јовиќ се обиде да го смени ритамот, поставувајќи го Мартин Томовски на голот на местото на индиспонираниот Дарко Арсиќ кој за дваесет минути имаше само една одбрана. Смената на голманската позиција и подлабоката зона на Металург донесоа резултат. Томовски одбрани два напада на Чеховски медведи, а Металург со три гола во серија намалија на 10:13. Но, Чеховски медведи не го испушта водството, а на рака му одеше и исклучувањето на Мартин Велковски, за одново да се вратат на плус 6 (11:17) во последната минута од првото полувреме, а на одмор заминаа со предност од 12:17.

Почетокот на второто полувреме не донесе ништо ново во однос на резултатот. Металург отвори со погодок на Божо Анѓелиќ, а во следниот напад ефикасен беше Кузмановски. Но, комплетно играта на Металург и натаму беше под посакуваното ниво. Безидејноста во нападот и несигурната игра во одбраната, им оставија простор на гостинските ракометари брзо да се вратат на безбедни плус 6 (14:20). За среќа на Металург, Мартин Томовски имаше неколку и тоа како важни одбрани од кои и еден одбранет седмерец што колку-толку ги држеше „металурзи“ во игра.
Сепак, за пресврт требаше многу поголема поддршка и од останатите играчи на терен, а на Металург на овој меч тоа му недостасуваше. Русите ја казнуваа секоја грешка, постигнаа уште неколку лесни погодоци на празниот гол на Металург и во 46 минута стигнаа до нависоко водство од 18:23.

Во последната четвртина од натпреварот, Металург конечно заигра многу поагресивно, успеа да намали на 23:26 на осум минути пред крај и имаше напад за -2, но Павленко одновио беше сигурен на гостинскиот гол и усепа да ја одбрани предноста на Чеховски медведи. Двата гола во серија на гостинските ракометари што следуваа потоа, практично го решија победникот.

Божо Анѓелиќ постигна пет гола, по четири погодоци за Металург реализираа Жарко Пешевски, Давор Палевски и Александар Гуглета. Мартин Томовски заврши со осум одбрани. Кај Чеховски медведи најефикасни беа Дмитри Санталов со седум и Павел Андреев со шест гола, а Дмитри Павленко запиша 15 одбрани.

Во следното коло од групата Д во Лигата на шампионите, Металург на 12 ноември го пречекува Монпелје кој е прв на табелата со максимални 12 бода.