Челниците на ЕУ се договорија за затворени центри за азил на доброволна основа

© REUTERS / Stephanie Lecocq/Pool

Челниците на 28-те држави членки на Европската унија постигнаа во петокот во раните утрински часови, по расправата што траеше цела ноќ, компромис околу прашањето на имиграцијата, договорајќи воспоставување заеднички центри за обработка на барањата за азил на доброволна база, како и ограничување на имигрантите во рамките на ЕУ.

Овој компромис го надвладеа спротистаувањето на Италија, којашто го блокираше усвојувањето на сите заклучоци, доколку не се постигне договор за имиграцијата. Во заклучоците се кажува дека имигрантите, кои се спасени на море во согласност со меѓународното право, би требало да бидат примени „во контролираните центри во државите членки“.

Тие центри би се воспоставиле во оние членки коишто тоа го сакаат, единствено на доброволна основа. Во овие центри, коишто ќе имаат „целосна поддршка од ЕУ, ќе овозможат разделување на илегалните имигранти, коишто ќе бидат вратени, од оние на коишто ќе им биде потребна меѓународна заштита.

„Сите мерки во контекстот на овие контролирани центри, вклучително и преместувањето и населувањето, ќе биде на доброволна основа, без прејудицирање на реформите на Даблинската уредба“, се вели во заклучоците од самитот за имиграциите, усвоени по деветчасовна расправа, малку пред пет часот утрото во петокот.

Лидерите, исто така, ги повикаа Советот и Комисијата што поскоро да го истражат конецептот на „регионални платформи“ за истоварување во соработка со трети земји и со Високиот комесаријат на ОН за беглаци и Меѓународната организација за миграции. Со помош на овие платформи за истоварување „би се разбил деловниот модел на криумчарите со луѓе и така би се спречила загубата на животи, елиминирање на поттикнувањето за тргнување на опасниот пат“, се наведува во заклучоците.

Договорено е и јакнење на надворешните граници и поголеми финансиски средства за Турција, Мароко и други северноафриканските земји поради спречувањето илегални миграции кон Европа.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте изрази задоволство и рече дека „Италија повеќе не е сама“. „Ова беа долги прговори, но ние сме задоволни“, изјави Конте. Додаде дека договорениот компромис го вклучува „принципот дека сите бродови мора да ги почитуваат законите, значи и невладините организации, да не се мешаат во операциите на крајбрежната стража на либискиот брег“. Италија, инаку, приговараше за невладините организации дека ги кршат законите, со вклучувањето во акциите за спасување за бегалците на море.

Постигнатиот компромис не го вклучува договорот околу системот за одобрување азил, а што нема согласнист меѓу земјите членки на ЕУ, но претставува клучен иако не целосен одговор на прашањето коешто во овој момент најмногу ја прави поделбата во Европската унија.