Челниците на германските партии со оптимизам ги започнаа преговорите за коалиција

Германската канцеларка и челник на демохристијанските конзервативци Ангела Меркел со оптимизам во неделата им пристапи на првите преговорите со социјалдемократите, чиј лидер Мартин Шулц порача дека партијата нема да повлекува никакви црвени линии.

Конзервативниот блок на Христијанско-демократската унија (CDU) и баварската Христијанско-социјална унија (CSU) кој го води канцеларката Ангела Меркел и Социјалдемократската партија на Германија (SPD), чиј челник е поранешниот претседател на Европскиот парламент, Мартин Шулц, во неделата попладнето ги започнаа петдневните разговори чија цел е постигнување на заеднички позиции за составување, односно продолжување на ткн голема коалиција којашто владееше со Германија последните четири години.

Германија нема влада од парламентарните избори 24-ти септември кога двете најголеми политички формации во Германија ги остварија најслабите избори резултати во историјата, а конзервативците не успеаја да ја формираат ткн „Јамајка коалиција“ со либералите и зелените. Потоа под притисокот од јавноста и видни социјалдемократски политичари, SPD која веднаш по изборите објави дека нема да учествува натаму во владата, реши да прифати нови преговори со демохристијаните за формирање на ткн „голема коалиција“ којашто во медиумите е позната како ГроКо, за да се избегне распишување повторени парламентарни избори.

„Влегувам во преговорите оптимистички иако сум свесна дека нѐ очекува голема работа“, изјави Меркел во Берлин пред почетокот на средбата.

Лидерот на SPD изјави дека резултатот од разговорите е неизвесен, но дека партијата им пристапува конструктивност. „Нема да повлекуваме никакви црвени линии, попрво ќе туркаме колку што можеме црвени политики во Германија“, изјави Шулц алудирајќи на заштитната боја на партијата.

Водството на SPD треба до петокот да препорача дали сака да започне официјални преговори или не, а одлуката ќе биде донесена на партискиот конгрес на 21-ви јануари.

Хорст Зехофер, челникот на баварската CSU, исто така, изрази верба во успех на преговорите. Тој порача дека неговата партија им пристапува на преговорите без тврди услови и додадек „мораме да постигнеме договор“.

Напорите да се формира нова влада на најсилната економија во Европската унија се најдолгите во историјата на Германија по Втората светска војна. Андреас Воскуле, претседател на германскиот Врховен суд изјави дека Берлин веќе трпи пад на довербата кај меѓународната заедница поради тешкотиите со составување на владата.

Партиските првенци сакаат до петокот да утврдат дали имаат доволно заеднички ставови за минување во следната фаза од преговорите, односно официјални коалициски преговори. Има многу несогласувања и разлики, во прв ред по прашањето на имиграциите и политиките кон ЕУ и во јавните инвестиции.

Доколку не се успее во обидите да се формира влада, преостануваат опциите за составување малцинска влада којашто би ја водела канцеларката Ангела Меркел или распишување нови парламентарни избори.