Челникот на Стопанската комора му посака поскоро враќање на власт на ВМРО-ДПМНЕ

Раководството на ВМРО-ДПМНЕ предводено од претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, се сретна во четвртокот о претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески, при што првата нивна средба и двајцата ја оценија како конструктивна.

Азески во изјавата по средбата му посака на Мицкоски побрзо враќање на власт и изрази надеж дека ќе водат континуиран дијалог за сите прашања кои се од интерес на бизнис заедницата.

„Очекувам, а тоа и му го предочив на Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржи во Собранието сите закони кои влијаат на економскиот амбиент за да не се кочи развојот“, рече Азески.

Мицкоски, пак, напомена дека на новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ му е потребна „правилна навигација“ од страна на бизнис заедницата, да се слушнат потребите на компаниите зашто тие креираат додадена вредност и вработувања.

„Нашата работа е да креираме соодветни решенија и кога ќе дојдеме на власт, да ги спроведеме на дело“, рече Мицкоски.

Негова оцена е дека последниве девет месеци Македонија бележи исклучително лоши економски резултати со намалени странски инвестиции и индустриско производство и без визија и креативност за какво било подобрување.