Челзи со победата над Тотенхем е првиот финалист во ФА Купот

Фудбалерите на Челзи се првиот финалист во ФА Купот откако во полуфиналниот дуел со градскиот ривал Тотенхем во сензационален меч одигран на „Вембли“ славеа со 4:2 (2:1).

Челзи во натпреварот кој е прогласен за најдобриот сезоната, покажа дека во моментот е најсилниот тим во Англија. Челзи и на првенствената табела е прв, со четири бодови повеќе токму од Тотенхем, кој по седми пат со ред не успеа да го мине полуфиналето на купот.

Вилијан уште во 5 минута му донесе предност на Челзи, а изедначи Хари Кејн во 18 минута. Кон крајот на полувремето Кореецот Со го турна Мозес, а Бразилецот Вилијан од белата точка го постигна вториот гол на мечот.

Тотенхем изедначи преку Деле Али во 55 минута, но потоа во игра влезе Еден Азар кој во 75 минута повторно го доведе Челзи во водство. Конечните 4:2 ги постигна Немања Матиќ со силен удар од 30 метри во самиот горен агол во 80 минута.

Ова беше само четврти пат во историјата на ФА Купот во полуфиналето да се сретнат двете првопласирани екипи во првенството.

Во второто полуфинале во недела, коешто исто така ќе се игра на лондонски „Вембли“, ќе се спротистават Арсенал и Манчестер Сити.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.