Чeрчил настојувал САД нуклеарно да го нападнат СССР

Британскиот политичар Винстон Черчил, кој своевремено бил 61-ви и 63-ти премиер на Обединетото кралство, во 1947 година настојувал САД да извршат нуклеарен напад врз СССР.

Ова го објавил лондонскиот весник „Меил он сандеј“, чии новинари успеале да дојдат до тајни документи на ФБИ.

„Според Черчил превантивен напад врз СССР бил единствениот начин да не се допушти комунистите да завојуваат со Западот“,посочил весникот во својот текст.

Весникот, понатака, објавува дека СССР дури во 1949 ја создал и успешно ја тестирал својата прва атомска бомба, и дека до тогаш бил „беспомошен“ при евентуален нуклеарен напад.

Документот, до кој дошол весникот, е всушност извештај напишан од агент на ФБИ за средба во Велика Британија меѓу Черчил и американски сенатор од редовите на републиканците, Стајлс Бриџис.

„Черчил настојуваше сенаторот да го убеди претседателот Труман да изврши нуклеарен напад врз СССР“, било наведено во извештајот на агентот.

Потоа, сметал британскиот политичар, кој во тој период бил лидер на опозицијата „СССР не би претставувал сериозен проблем“.

Черчил во 1945 година изгубил на изборите во Велика Британија, а на премиерското место се враќа во 1951 година, со минимална изборна победа.