Червар: Ако Металург се’ уште постои во февруари, ќе бидам негов тренер

Лино Червар и натаму има волја да го води Металург, и покрај давеничката ситуација во која се наоѓа клубот оваа есен и вети дека ќе се врати во Скопје во февруари, под услов тој се уште да постои по завршувањето на Светското првенство во Катар.

Пред заминувањето за родната Хрватска, каде што редовно ги поминува овие празнични денови, Червар посака напролет да го види стариот добар Металург, кој изминативе години беше најголема радост за љубителите на спортот во Македонија.

– Ако Металург се уште постои во февруари, ќе продолжам да бидам негов тренер. Да не заборавиме дека Металург се уште е актуелен првак на Македонија и оваа година беше меѓу најдобрите осум екипи во Европа и не можам да замислам дека сето тоа може да згасне преку ноќ – вели Червар, пренесува Вест.

Сепак, ниту тој не може да избега од фактот дека Металург имаше очајна полусезона на резултатски план, што беше одраз на сите негативни случувања во клубот, па и во Лигата на шампионите и во регионалното натпреварување забележа по шест порази.

– Оваа есен само се зборуваше за тоа дали клубот ќе преживее и опстане и тоа не беше лесно за никого. Се надевам дека работите ќе се сменат во меѓувреме, дека клубот ќе успее да се стабилизира, па во продолжението на сезоната во прв план да бидат нашите игри – посака Червар.