Червар: Нема да биде лесно со Чешка, но ќе дадеме се од себе

Новиот селектор на македонската машка ракометна репрезентација Лино Червар денеска го имаше првиот собир, а попладнево ќе го одржи и првиот тренинг со некомплетната селекција.

Дел од клучните играчи на располагање ќе му бидат дури од понеделник поради тоа што сеуште имаат обврски кон нивните екипи.

Ова е прв собир, пред нашиот бараж со Чешка кој нема да биде лесна работа. Ќе ни биде тешко, но со позитивна енергија и позитивно мислење дојдов овде, очекував еднакво таков пристап да имаат играчите и сите оние околу репрезентацијата, заедно со претставниците на РФМ. Желба на сите е да ја совладаме првата пречка, селекцијата на Чешка. Ситуацијата не е „топ“, знаеме зошто, да не се повторуваме, но да заборавиме на се и да се фокусираме на баражот и да се пласираме на СП во Франција, што е голем предизвик. Сакам да испратам позитивна порака – нема да биде лесно, ништо не можам да гарантирам, но јас и играчите ќе дадеме се од себе, изјави Червар.

Инаку Чешка против Македонија ќе настапи со комбиниран состав, најавено е дека повторно нема да игра Филип Јиха, но клучно сепак ќе биде во какво светло ќе се претстави нашата репрезентација.