Червар: Ситуацијата во Металург е лоша, но засега останувам во Автокоманда

Лино Червар повторно е во центарот на вниманието на хрватската јавност откако по оставката на Славко Голужа, стана еден од главните кандидати за селектор на националниот тим.

Сепак, неговиот ангажман во хрватската репрезентација во голема мера зависи од иднината на Металург, а како што самиот признава, ситуацијата во Автокоманда е далеку од добра.

“Лошо е во Металург, финансиите се главен проблем и не знам како ќе се развива приказната. Ќе видиме во следните денови дали можеме да опстанеме како клуб со млада екипа која би имала неколку засилувања и дали така ќе го одржиме нивото од последните години. Во тие рамки ќе се решава и мојот иден статус во Металург”, вели Червар.

Во секој случај, тој се дистанцира од селекторската функција во хрватската репрезентација и тврди дека, ако се врати во татковината, најмногу би работел околу формирање на стручниот тим на националниот тим.

“Мислам дека лицитацијата за селектор почна од враќањето од Катар. Јас во тоа не се гледам бидејќи не сум обичен кандидат, туку определување за состав кој нуди високи критериуми и цели. Имам своја стил на работа, аргументи, резултати…”
, додава трофејниот стручњак.

Според сегашната ситуација, Червар најверојатно ќе ја заврши сезоната во Металург, по што ќе се врати во Хрватска за да ги разгледа опциите околу неговиот евентуален ангажман во репрезентацијата на “коцкестите”.