Червар: Со цврст став ќе му се спротивставиме на германскиот гигант Кил

На редовната прес-конференција пред натпреварот од 4. коло на Велукс ЕХФ Лигата на шампионите, против екипата на Кил, свои видувања дадоа Лино Червар, шеф на стручниот штаб на Металург, Ванчо Димовски, помошник капитен на Металург, и Левче Китевски, претседател на У.О. на Металург.

“Имаме визија во кој правец треба да се развива нашиот клуб и верувам дека се наоѓаме на вистинскиот пат. Благодарен сум им на сите што ни даваат поддршка за реализацијата на овој наш проект. Работиме многу и работиме постојано, особено со младите во клубот. Наша цел е сите тие деца да бидат факултетски образовани, да студираат, прво да бидат добри луѓе, а потоа и добри ракометари. За да се создаде иднината на Металург, за да се добие нешто поголемо, понекогаш можеби треба нешто и да се загуби. Како што е знаете, стартот не беше успешен за нас. Искрено жалам за поразот во Загреб, каде заслуживме победа, но не би сакал повеќе да се навраќам на тој меч, погледите ни се свртени кон Кил. Имаме здравствени проблеми во екипата, повеќе наши ракометари се погодени од стомачниот вирус, а некои, како Миркуловски и Мојсовски, се неизвесни, но, без оглед во кој состав ќе истрчаме, ние ќе се бориме до последната капка пот, како што тоа беше случај во Загреб. Се подготвуваме за Кил, денеска првпат ќе гледаме и видео. Знаеме дека тие се фаворити, но ние ќе дадеме се од себе за да стигнеме до победата. Тие едно време беа во криза во Бундеслигата, но, последните два резултати, против Либек и Фуксе Берлин, се доказ дека Кил излезе од кризата од стартот на сезоната. Многу се опасни на надворешните позиции, Вујин, Дувњак, Палмарсон, Кањелас, Вајндхолд….но и покрај тоа мислам дека секој е ранлив и дека со помош на гледачите, со нашиот цврст карактер, со многу труд и волја ќе му се спротивставиме на на германскиот гигант“, рече на пресконференцијата тренерот на Металуг Лино Червар.

“Сите знаеме кој е Кил и за каков противник се работи. Знаеме со каков квалитет располага Кил и кои се неговите амбиции секоја сезона. Ова е последен меч пред паузата за репрезентативни настапи. По трите минати кола ние не заслуживме да бидеме на нула бодови, но тоа е спортот. Во претходните сезони, до Нова година веќе го обезбедувавме пласманот во наредната фаза на Лигата на шампионите, но, сега од различни причини не влеговме во посакуваниот ритам. Сите со нетрпение ја очекуваме првата победа, жалиме за мечот во Загреб на кој заслуживме барем еден бод, но не стигнавме ниту до него. Мечот со Кил е идеален да покажеме добра игра и да стигнеме до резултат со кој ќе ја кренеме самодовербата пред тешкото гостување во Шпанија. Народски кажано, возот тргна, но можеби не е отиден, можеби се уште можеме да се качиме на него“, изјави капитенот Ванчо Димовски.

“Ви благодарам што повторно дојдовте во толкав број, ви благодарам за вашата поддршка, која Металург ја заслужува. Како што рече и Лино Червар, ваше демократско право е да пишувате и да коментирате, но морам да истакнам дека многу од тие коментари и објави не се вистинити. Металург има потешкотии, нормални за ова транзициско време, но тие ниту од далеку не се толку големи какви што се претставуваат. Металург има сопственик, Металург има свое раководство и има план на развој според кој ние се водиме. Се надевам дека сето тоа наскоро ќе остане далеку зад нас, а ние во овој момент сме фокусирани на средбата со екипата на Кил. Ги молам нашите навивачи да имаат трпение и в сабота да ни ја дадат истата поддршка што ни ја даваат секогаш. Металург секогаш знаел како да им се реваншира на своите верни навивачи, ве уверувам дека и сега ќе најдеме начин како да го направиме тоа“, вели директорот на „Металург“ Левче Китевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.