Чешка: Доживотна затворска казна за три лица

Три од шест лица, кои минатата недела беа притворени во полициската рација против екстремизмот, се соочуваат со казна доживотен затвор, соопшти Прашкото јавно обвинителство.

Полицијата, јавува дописникот на МИА од чешкиот главен град, ги обвинува за подготовка на терористички напад врз воз односно ,,планирање на прекин на јавниот сообраќај во поголем обем”.

Останатите две лица се соочуваат со обвинение за попречување на истрагата и им се заканува казна затвор до три години, а до пет години затворска казна може да добие мажот кој е обвинет за нелегално поседување на огнено оружје и планирање на масовно уништување.

Кривичното дело, терористички напад опфаќа наштетување на одбранбениот систем на Чешка, нарушување на нејзината политичка и економска структура, заплашување на населението или незаконско принудување кон нешто на владата или друга јавна власт.

Според локалните медиуми, обвинетите се левичарски екстремисти.

Најмалку од септември минатата година, групата наводно, планирала напад со молотови коктели на товарен воз со воена опрема на главната транзитна железничка линија од Прага до Плзењ.

Кривичното дело, подготвување и извршување на терористички напад е предвидено со промените на Чешкиот кривичен закон во 2004 година, а според достапните информации за ова дело правосилно е осуден само еден маж кој во алкохолизирана состојба му испратил неколку писма по електронска пошта на тогашниот министер за финансии Мирослав Калоусек со закани дека ќе постави експлозив и ќе го дигне во воздух заедно со останатите членови на Владата