Чешка ги зајакна контролите на возовите заради бегалците

Чешка ги зајакна контролите на возовите заради мигрантите

Чешка од денеска ги засили граничните контроли и контролите на меѓународните возови и автобуси како одговор на бегалската криза.

Како што соопшти полицијата, на Главната железничка станица во чешкиот главен град биле приведени 13 лица кои биле граѓани на Сирија и Авганистан, додека во меѓународниот воз во Устецкиот регион биле откриени двајца Ирачани, кои со фалсификувани документи сакале да стигнат до Германија и Шведска.

Бројот на мигранти кои на илегален начин сакаат да влезат во Германија последните месеци се зголемува и тие откако се откриваат се сместуваат во специјални центри за странци.

Претседателот на Чешка Милош Земан во врска со мигрантите, ги одби квотите, кои сака да ги воведе Европската унија, сметајќи дека земјата треба да помага на територијата која што бегалците ја напуштаат.

– Јас сум за тоа Чешка во рамки на своите можности да им помогне на бегалците или на нивна територија или во нивното соседство. Конкретна помош во вид на мобилна болница можеме да упатиме во Јордан каде има 600.000 бегалци од Сирија, рече Земан обраќајки се во чешкиот Парламент на седница свикана по повод миграциската криза во ЕУ по барање на опозицијата.

Против предлогот се изјаснија раководители на Армијата и министерот за одбрана Мартин Стропницки кој оцени дека во Јордан веќе имало британска и француска болница која не вродила со плод бидејќи не била прифатена од муслиманската средина. Стропницки оцени дена е подобро цивилни лекари да помагаат на повредените бегалци.

Премиерот Бохуслав Соботка изјави дека Чешка на Европскиот совет (ЕС) ќе му понуди засилување на солидарните активности, но одлучно одбива квоти на преместување на мигранти меѓу земјите членки на ЕУ.
Чешка за бегалците е главно транзитна земја. Во првите пет месеци од годинава, полицијата открила 2.418 странци со нелегален престој што на годишно ниво е зголемување за 712 лица.

Зголемен е бројот и на граѓани на Косово, Сирија или Авганистан кои биле откриени при обид нелегално да преминат во Германија.