Чешкиот премиер: Македонија е спремна за интеграција во Евро-Атланските структури

Советот за надворешни односи вчера беше домаќин на програмата на состаноци во Вашингтон насловена како „Дваесет и петта годишнина на демократијата во Република Чешка” предводена од премиерот на Чешка, Бохуслав Соботка.

Ко-основачот и претседател на Обединетата македонска дијаспора Методија А. Колоски и Соработникот за меѓународна политика и дипломатија во ОМД Салваторе Шиано беа поканети да присуствуваат на овој состанок.

Презентацијата на Соботка опфати теми поврзани со напредокот на Република Чешка во текот на годините, нејзината улога во НАТО и ЕУ, визија за следните дваесет и пет години, односите Русија и Украина, и Сирија и ИСИЛ.

За време на сесијата за прашања и одговори, претседателот на ОМД Колоски беше во можност да го постави следното прашање до премиерот Соботка:

– Во 2015 доаѓаат две годишнини на Балканот; 20-годишнината од Дејтонскиот мировен договор и 20-годишнината од потпишувањето на Привремената спогодба меѓу Грција и Македонија во Обединетите нации. Што може Чешка и ЕУ да направат за да се помогне во решавањето на некои од прашањата во овој регион?

– Ситуацијата на Балканот е многу повеќе стабилна отколку што беше пред 15 години, голем број земји на Балканот станаа интегрирани во ЕУ и некои станаа членки на ЕУ и НАТО, изјави чешкиот премиер и додаде дека земјите кои досега не се интегрирани во Европската унија се на нивниот пат и се стекнуваат, чекор по чекор до својот кандидатски статус.

– Постојат одредени земји кои имаат повеќе комплексна интеграција од другите; можеби може да се спомне Македонија тука. Тоа е земја, која по мое мислење е подготвена од голем дел, да биде интегрирана во Северно-атлантските структури и Европската унија; сепак, постои конфликтот што го имаат со Грција, бидејќи тие се членка на НАТО и членка на ЕУ. Мислам дека ова е важна задача за Европската комисија да спроведе дијалог меѓу Македонија и Грција и мислам дека Европа може да игра клучна улога во решавањето на овој конфликт и да и помогне на Македонија да се интегрира. Исто така, јас го ценам тоа што Македонија успеа да ја стабилизира нејзината врска со албанското малцинство, и мислам дека моделот на Македонија и договорите на Македонците и народите на Македонија и Албанија може да послужи како многу добар пример на неколку етнички групи кои живеат заедно, рече Соботка.

Во март 2013 година, Чешка стана 135. земја и 16. земја членка на ЕУ која го призна правичното и уставното име на Македонија. Во октомври 2014 година, премиерот Соботка му беше домаќин на македонскиот премиер Никола Груевски за време на тридневна посета на Чешката Република.