Чешка ќе испрати дополнителен број полицајци во Македонија

Чешка ќе формира полициска единица од 300 припадници со меѓународно искуство, кои ќе учествуваат во странски мисии, најави чешкиот министер за внатрешни работи Милан Хованец, додавајќи дека токму во Македонија се планира испраќање на дополнителен број полицајци, јави МИА.

Моментално на македонско-грчката граница со кризата со бегалците помагаат 27 полицајци од Чешка, чија мисија завршува на 19 март.

По инструкции на премиерот во последните неколку дена ние од полицијата и шефот на полицијата, побаравме Чешка да почне со основање на меѓународна полициска единица. Мислиме дека токму во Македонија ќе одат уште наши полицајци, рече Хованец.

Испраќањето на овие сили, според шефот на чешкото МВР, ќе биде според потребите, а како можност ги спомна Грција и Италија.

В четврток Хованец ќе присуствува на состанокот на министрите за внатрешни работи на земјите на ЕУ во Брисел, а в петок ќе ги посети полицајците во Македонија.

Тој ја повтори подготвеноста на Чешка заедно со Словачка да испрати до 300 полицајци секоја држава посебно во случај да биде потребен т.н план Б, за создавање „резервна заштитна граница“ со Грција во случај на влошување на бегалската криза.

Ова претходно го најави чешкиот премиер Бохуслав Соботка на состанокот на Вишеградската четворка (Чешка, Словачка, Унгарија и Полска) на која присуствуваа и политички претставници од Македонија и Бугарија.