Чешките граѓани отсега ќе смеат да пукаат на терористи во случај на напад

Долниот дом на чешкиот парламент во средата усвои амандман на закон со кој на Чесите им дава право личното легално оружје да го употребат за заштита на земјата и безбедноста, а пред се да „пукаат на терористи“, кој е противен на правилата на Европската унија за контрола на оружјето.

Споменатиот амандман им дозволува на цивилите кои поседуваат огнено оружје да го користат во ситуации кога е загрозена националната безбедност, вклучувајќи и терористички напади. Се очекува амандманот кој е усвоен со големо мнозинство од гласовите, лесно да обезбеди поддршка од чешкиот Сенат и претседателот на земјата Милош Земан.

Чешката влада во почетокот на јуни соопшти дека ќе побара од Европскиот суд на правдата да ги собори новите директиви на ЕУ за контрола на оружјето, со кои им се забранува на цивилите да поседуваат полуавтоматско оружје.
Досегашното право да пукаат во нужна одбрана на животот, здравјето и имотот е зголемено на пукање и застрелување терористи.Со ова право се стекнуваат само државјаните на Чешката република, исклучиво на територија на земјата.

Чешкото министерство за внатрешни работи го предложи овој закон како реакција на загрозената безбедност и терористичките напади во Европа. Чешка, инаку, е шеста најбезбедна земја на светот.

За законот гласаа 135 од 168 присутни пратеници. Противниците на законот предупредуваат дека Чешка може да се претвори во Див Запад.