Македонија

Честит Бадник, среќен и вековит празник за сите православни христијани

Честит Бадник, среќен и вековит празник за сите православни христијани

Со посна и вкусна трпеза и во кругот на потесното семејство православните христијани денеска ќе го одбележат денот пред роденденот на Исус Христос, Бадник или познат како Коледе.

По коледарските огнови кои што гореа до доцна во ноќта, младите коледарчиња ги подготвија своите торбички и тргнаа низ куќите во своето маало да ја споделат радосната вест за божјото раѓање, пеејќи ја препознатливата „Коледе, леде“.

Според Јулијанскиот календар Бадник е секогаш на шести јануари, а Божик, еден ден подоцна, на седми јануари. Суштината на празникот е во радоста на христијаните пред големиот ден – Христовото раѓање. Истовремено, со овој ден завршуваат и Божикните пости.

Зборот Бадник има старословенско потекло, а неговото значење е да останеш буден.

Истражувачите сметаат дека во праисторијата овој ден бил празник поврзан со враќањето на Сонцето од јужните напоредници, по зимската краткоденица.

Раѓањето на новото Сонце значело и раѓање или обнова на животот. Подоцна, Христијанската црква го презела овој празник и симболично го поврзала со Христовото раѓање.

На Бадник во секоја куќа се меси лепче, пита или погача во која се става пара. Вечерта кога сите ќе седнат на вечера, домаќинот, откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата, го крши лепчето на онолку делови колку што има членови во семејството , а се остава и за Бога и за куќата.

 

Оној на кого ќе му се падне паричката, се верува дека ќе го следи среќа во годината што претстои.

Честит и векови празник!!!