Честитка од Груевски по повод Меѓународниот ден на Бошњаците

По повод Меѓународниот ден на Бошњаците претседателот на Владата Никола Груевски упати честитка до припадниците на Бошњачката етничка заедница во Република Македонија.

Во продолжение проследете ја честитката интегрално:

Во името на Владата на Република Македонија и во свое лично име, Ви упатувам искрени честитки по повод Меѓународниот ден на Бошњаците и Ви посакувам ден исполнет со добро празнично расположение, среќа и бериќет вам и на вашите семејства.

Празнувањето на денот на вториот бошњачки собор претставува симбол на обединетоста и сплотеноста на бошњачкиот народ.

Себеидентификацијата претставува основно, загарантирано и неотповикливо човеково право кое е столбот на кој се темели нашата заедничка држава. Принципите на разбирање и толеранција се вредности кои сите ги споделуваме и благодарение на нив успешно ја градиме иднината која ја посакуваме за себе и своите деца.

Во насока на остварување на подобра перспектива за идните генерации како Влада ќе продолжиме активно да работиме на подобрување на севкупните услови за живеење на сите граѓани, вклучително и Бошњаците. Нашите приоритети продолжуваат да бидат благосостојбата и среќата на сите оние кои Република Македонија ја нарекуваат свој дом, цел кон која и вашата заедница секојдневно го дава својот придонес.

Упатувајќи ви уште еднаш срдечни честитки по повод Меѓународниот ден на Бошњаците Ви посакувам многу убави празнични моменти.

Нека Ви е честит и вековит големиот празник !

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.