Честитка од Иванов по повод Денот на македонската револуционерна борба

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, упати честитка по повод одбележувањето на државниот празник 23-ти  Oктомври – Денот на македонската револуционерна борба.

Во продолжение интегрален текст од честитката на претседателот Иванов:

Почитувани сограѓани,

Одбележувањето на 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба е празнување на идејата за самостојна и независна Република Македонија. Овој ден претставува завет на македонските револуционери, предвесник на Македонската Револуционерна Организација, симбол на непокор, патриотизам и правда.

Овој ден е паметник за шестемина македонски патриоти кои се здружија со визијата за слободна Македонија, со што ја втемелија и ја осведочија желбата за независна држава која ќе ги сплоти сите под едно знаме, во една цела земја, под едно име – Република Македонија. Вечно ќе ги славиме и ќе се сеќаваме на хероите, Хаџи Николов, Поп Арсов, Груев, Татарчев, Димитров и Батанџиев.

Патот до слободата што го започнаа шестемина родољуби, го продолжија илинденците и асномците остваруваjќи го вековниот стремеж за сопствена, суверена и демократска држава. Затоа, овој светол празник нè обединува и денеска во остварувањето на нашата мисија за создавање на просперитетна и европска Македонија.

Нека ни е вечен Денот на македонската револуционерна борба!

Да живее Република Македонија!

д-р Ѓорге Иванов