Честитка од Божиновска по повод Рамазан Бајрам

Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница, Реис Ул Улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи, по повод празникот Рамазан Бајрам.

Празникот Рамазан Бајрам е радост за сите муслимански верници, вдахновение на љубовта, верноста, мирот, како и поттик за воспоставување на што подобри односи со блиските, пријателите и со сите луѓе со добра волја. Големата духовна сила и цврстата волја кои следуваат по триесетдневниот рамазански пост, самоуверено и храбро да Ве водат кон споделување на вистинските вредности на семејната блискост, љубовта и меѓусебното пријателство и со припадниците на другите вери и традиции, се вели во честитката.

Нека овој Рамазански Бајрам, се наведува во честитката, уште еднаш нè потсети на трајноста на овие духовни вредности и дека само со нивно негување, и исполнетост со меѓусебно почитување, толеранција и соработка, можеме да придонесеме за темелен напредок во нашиот живот и во нашето општество.

Ви го честитам Рамазан Бајрам и Ви посакувам деновите на овој голем празник да ги поминете во кругот на Вашите семејства и домови во добро здравје, расположение и среќа. Честит Рамазан Бајрам – Бајрам Мубарек, стои во честитката од Божиновска.