Честитка од Димитриев по повод почетокот на Рамазанските пости

Претседателот на Владата на Република Македонија, Емил Димитриев, по повод запчнувањето на Рамазанските пости упати честитка до Поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, Реис Ул Улема Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи, и до верниците од исламска вероисповед.

Интегрален текст од честитката:

Почитуван поглавар на Исламската заедница во Република Македонија

Господин Реис Ул Улема, Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи,

Дозволете ми Вам лично, на членовите на Ријасетот и на сите верници од исламската вероисповед во Република Македонија, од мое лично име и од име на Владата на Република Македонија, да Ви го честитам започнувањето на Рамазанските пости.

Светиот месец Рамазан и почетокот на рамазанските пости отсекогаш биле познати како денови на добрата мисла и време кога треба да се има милост и разбирање за другите луѓе. Севкупно, рамазанските пости се време за духовно прочистување и возвишување на верниците од исламската вероисповед. Вредностите кои ги красат овие пости нека Ви бидат водилка во деновите кои претстојат, нека донесат многу радост и среќа во семејствата на верниците и севкупно во Република Македонија и нека ја промовираат соработката со Вашите роднини, пријатели и сограѓани.

Добрата мисла да придонесе сите ние, граѓаните на нашата земја, да работиме заедно за создавање на заеднички добра, за економски раст и подобар стандард на граѓаните, за поголем број можности за културен, образовен и општествен напредок во насока на изградба на силна и модерна Република Македонија.

Испраќајќи ви најискрени честитки, Ви пожелувам радосни празнични денови.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.